Тасевски: Задоволен сум од подготовките, очекувам тежок натпревар против Струга ТЛ

Македонија ЃП со големи амбиции влегува во пролетниот дел од сезоната во домашниот шампионат откако првата етапа од ПМФЛ ја заврши на делба на втората позиција на првенствената табела, а обезбеди и учество во полуфиналето од националниот куп.

Тренерот на „лавовите“ Жикица Тасевски е задоволен од тоа како поминаа подготовките и се надева дека и пролетва неговите фудбалери ќе продолжат таму каде што застанаа минатата есен.

„Задоволен сум од подготовките во Анталија. Одигравме натпревари против силни противници на кои можевме да видеме до каде сме. Се на се добро поминаа подготовките, а единствено за што жалам е тешката повреда која ја заработи голманот Христијан Стефковски. Се очекува во следните два месеци дека ќе биде надвор од терените поради тешката повреда, но сепак, знам дека се работи за одличен професионалец и пред се одличен спортист, па затоа верувам дека и побрзо од очекуваното ќе се врати во нашиот тим“, вели Тасевски. 

Во првото коло од пролетниот дел од сезоната Македонија ЃП ќе и гостува на Струга ТЛ. Тасевски вели дека очекува тежок натпревар бидејќи Струга е одличен тим кој одигра неверојатно во првиот дел од сезоната.

„Првите натпревари секогаш се посебно тешки. Не очекува гостување во Струга кај тим кој одигра неверојатно во првиот дел од сезоната. Играат одлично, особено на домашен терен па затоа очекувам тежок, но се разбира и убав натпревар меѓу два одлични тима. Се надевам дека на крајот ние ќе бидеме посреќни и ќе ги освоиме бодовите“, изјави Тасевски. 

Натпреварот меѓу Струга Трим и Лум и Македонија Ѓорче Петров е закажан за во недела со почеток во 14 часот.

Се вчитува...