Кошаркарите на ТФТ веќе се наоѓаат во БиХ, каде в среда ќе излезат на мегдан против домашниот Широки Бријег, на почетокот од финалната серија во АБА2 лигата. Влогот е огромен, победа во финалето ќе значи и влез во АБА1, огромен мотив за сите во таборот на ТФТ да продолжат со испишувањето на историја.
Домаќинот ќе ја има улогата на фаворит, но истото беше случај и во претходните две рунди со Златибор и Сутјеска, кога ТФТ наоѓаше начин да стигне до „брејк“ на гостински терен и да обезбеди пласман во ова финале.
Огромен придонес во овој успех има Виктор Ташовски, одличниот плејмејкер кој игра во животна форма во последните месеци. Неколку дена откако ја постигна тројката за победа на дербито со МЗТ, Ташовски е максимално фокусиран на главниот предизвик за тимот од Тафталиџе – влезот во регионалната кошаркарска елита.
„Пред нас е тешко гостување како за почеток на финалната серија. Се среќаваме со одлична екипа, Широки има квалитет и игра фантастична кошарка. Ние сме подготвени, мотиви не недостигаат кога се игра едно финале, ќе дадеме се од себе да го крунисаме овој наш настап со титула и пласман во АБА1. Очекувам интересна и возбудлива финална серија и нека победи подобриот“, порачува Ташовски пред стартот на финалето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
