Тасовски: Пресуди подолгата клупа на Карпош соколи

Работнички стори се што можеше, но не успеа да го земе скалпот на фаворитот Карпош соколи во вечерашното полуфинале од Купот на Македонија. Диме Тасовски одигра одличен натпревар за клубот од „Градски парк“, но тоа не беше доволно за да се изненадат „соколите“, кои го одржаа темпото на игра во сите 40 минути и на крајот заслужено стигнаа до победата и пласманот во големото финале.

Знаевме дека ќе биде тешко за нас бидејќи Карпош соколи има подолга клупа. Се држевме дури можевме, но потоа во финишот загубивме здив и немавме сили да продолжиме во ист стил до самиот крај. Денеска беше мој ден, постигнав многу поени, знаеме да препознаеме како да се движи топката, но ни недостигаат уште неколку играчи за да бидеме во ритамот во кој што го посакуваме. Карпош соколи денеска заслужено славеше, но верувам дека ние можеме да се носиме со најдобрите тимови во Македонија и ќе го покажеме тоа во Супер-лигата“ – изјави Диме Тасовски.

 Капитенот на Карпош соколи, Игор Пенов, нема посебна желба околу ривалот во финалето, најавувајќи одлична игра на својот тим и атак на трофејот што „соколите“ не успеаја да го освојат минатата сезона, губејќи во финалето во Гевгелија од МЗТ Скопје.

Честитки до Работнички за извонредната партија, се бореа до самиот крај. Мислам дека пресуди подолгата клупа, очигледно беше дека двата тима се подеднакво мотивирани. Како екипа ние ги исполнивме задачите што ни ги даде стручниот штаб и стигнавме до победата што ја посакувавме. Што се однесува до второто полуфинале, немам посебна желба, со кого и да играме во финалето добро ќе се подготвиме и ќе се обидеме да победиме“ – изјави Пенов.

Се вчитува...