Татар: Битолчани живеат за ракометот, ние треба да живееме за нив

Малик Татар ја заврши ланската сезона како најдобар стрелец во словенечкиот шампионат, па јасно е дека Пелистер очекува овој одличен ракометар да продолжи во ист стил и во зелено-белиот дрес.

Татар делува максимално мотивирано од првиот тренинг во редовите на поранешниот македонски првак, подготвен да даде се за „пелистерци“ да стигнат до трофеите за кои ќе се борат во сезоната што следи.

„Aмбиентот е топ, атмосферата – супер, сите играчи, сите имаме иста цел. Се ни е јасно, гледаме каков е градот, дека во Битола се живее за ракометот и затоа ние треба да живееме за нив, за Пелистер повторно да биде онаму каде што треба. Како што Лино кажува, така и јас – не сакам да губам. Сакам да се борам и да дадам сè од себе.

Тука во Битола, тоа што ќе им го дадеш на навивачите, тоа и ќе ти го вратат. Од година во година македонската лига е сè посилна и сè повеќе се вложува во ракометот. Ќе биде тешко, но мислам дека можеме да ги оствариме нашите цели“, изјави Татар.

Се вчитува...