Темелковски: Вардар е голем фаворит, Пролет ослабен на дуелот со големиот ривал

Ракометните возбудувања на домашната сцена продолжуваат со денешниот меч меѓу скопските ривали Пролет и Вардар, закажан за 18.30 часот во салата „Македонско Сонце“ во населбата Пролет. Јасно е дека „црвено-црните“ се апсолутни фаворити за продолжување на успешната серија, а Пролет се соочува со дополнителен проблем поради неиграњето на неколку искусни ракометари.

Искусниот Илија Темелковски останува на клупата на Пролет додека трае потрагата по перманентно тренерско решение, а поранешниот македонски селектор е свесен за големината на предизвикот на овој натпревар.

„Не е тајна дека Вардар е фаворит, говориме за тим кој е составен од квалитетни ракометари кои играат на највисоко ниво оваа натпреварувачка сезона. Илузорно е да кажеме дека ќе ги изненадиме, ние дефинитивно ќе се обидеме да го сториме тоа, но со оглед на отсуствата на дел од играчите шансите за тоа се навистина минимални. Не велам дека ќе се откажеме, наша цел е да излеземе на терен и да одиграме најдобро што знаеме, да му парираме на противникот што подолг период. Клучно ќе биде да не губиме топки во нападот и да дозволуваме лесни голови на спротивната страна, да одиграме добро и дисциплинирано, како во нападот, така и во одбраната“, изјави Темелковски, кој по триумфот во Прилеп денеска повторно ќе го води тимот на Тинекс Пролет.

Се вчитува...