Teo Милевски по трансферот во Кожув: Среќен сум што одам скалило повисоко во моите кошаркарски предизвици!

Кошаркарскиот клуб Ангели во првата сезона во „елитата“ на македонската кошарка не успеа резултатски да се прослави, но од тимот од Кисела Вода се издвоија неколку млади имиња, кои и тоа како ветуваат на домашната сцена. Меѓу нив, без сомнение, и Теодор Милевски, 19-годишниот крилен играч кој од следната сезона го очекува далеку посериозен предизвик по трансферот во редовите на КК Кожув, клубот против кој минатата сезона го одигра и својот најдобар натпревар.

Милевски во разговорот за ЕКИПА не го крие задоволството од реализираниот нов чекор во својата кариера, кој треба да биде импулс повеќе во кошаркарскиот развој.

„Многу сум среќен што одам едно скалило погоре во мојата кариера, што ќе бидам дел од клуб како Кожув. Очекувам да научам многу од тренерите и од поискусните соиграчи со кои ќе ја делам соблекувалната, а од моја страна можам да ветам дека ќе го дадам својот максимум да имаме успешна сезона“ – истакнува македонската кошаркарска надеж, притоа осврнувајќи се и на својата една година во редовите на Ангели.

„Пред се сум многу благодарен на Ангели и на раководството за пружената шанса и за оваа сезона во Првата лига, но и за минатата кога бевме дел од Втората лига. Се стекнав со многу важно искуство и сметам дека напреднав и научив многу на натпреварите и на тренинзите во претходните прволигашки месеци“.

По тренерската смена во составот од Кисела Вода младиот кошаркар имаше шанса да учи од еден највлијателните тренери во мак-баскетот Боби Митев.

„Од секој тренер можат да се научат работи и принципи кои не ни биле познати. На нас играчите е да ги имплементираме. Се трудам од секој тренер да научам по нешто и неговата стратегија да ја спроведам, проследено со максимална почит, се разбира“.

ЧОВЕК И СПОРТИСТ КОЈ МЕНЕ МИ Е ИДОЛ Е МОЈОТ ТАТКО

Милевски, син на селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски, открива дека една од главните причини да ја одбере кошарката како спорт е големиот успех на македонската кошаркарска селекција на ЕП во Литванија.

„Љубовта кон кошарката кај мене од секогаш си постоела, но ако добро се сеќавам, мислам дека најголемиот мотив за да тренирам кошарка се случи во периодот кога го имавме оној голем успех на Европското првенство во Литванија. Од областа на кошарката има многу играчи кои ми се мотивација, но не можам да кажам дека ми се идоли. Човек и спортист кој ми е идол и на кој се угледувам од мал па се до сега е мојот татко“, вели Милевски.

Првите кошаркарски чекори за Милевски се во тимот на Карпош Соколи, а во младинската „кариера“ брои настап и за МЗТ Скопје со кој играше и на У19 шампионатот во АБА лигата.

„Првите кошаркарски чекори ги направив во селекциите на Карпош Соколи каде ги совладав основите. Од таму преминав во младинските селекции на МЗТ Скопје Аеродром, каде бев подолго време. Дел од овие младински денови кој ми останал во најубаво паметење, би рекол дека е сезоната во МЗТ Скопје под водство на тренерот Никола Вeлев – Френки, во која имавме најубава дружба и со соиграчите и со тренерите, но и прилично успешна сезона во која стигнавме до фајнл-фор“.

Како и на речиси секој кошаркар желба на Милевски е да заигра и во НБА првенството, но како што вели до таму се оди чекор по чекор.

„Во некоја блиска иднина неопходно е да се изградам и развијам како кошаркар во домашното првенство, а за понатаму би сакал да сум дел од некој од познатите клубови во Европа, па и да си го остварам детскиот сон за НБА лигата, зошто да не. Но, чекор по чекор“.

Се вчитува...