Тетекс бара проширување на Вторите лиги

Третолигашот Тетекс бара ФФМ да ја разгледа можноста за проширување на Вторите лиги, а со тоа би добиле шанса за влез во повисок ранг и второпласираните екипи од третите лиги.

„Бараме од Фудбалската федерација на Македонија, Втората лига да се зголеми за неколку екипи, со што и второпласираните од третите лиги би добиле шанса за пласман во повисок ранг. Тоа е можно да се направи и преку одигрување на бараж натпревари помеѓу второпласираните третолигаши, а најдобриот да обезбеди пласман во 2. лига. Во нашиот регион е најнеизвесно од сите региони кои гравитираат под 2. лига – Запад, со оглед на тоа дека и Тетекс и Беса од Добри Дол имаат навистина квалитетен играчки кадар, но и добра организација, и би било навистина штета една од овие две екипи да остане третолигаш, бидејќи и двете екипи во моментов се на второлигашко ниво. Јас како поранешен фудбалер сакам победниците да се одлучуваат на терен, а не на зелена маса. Така само губи фудбалот, а со тоа и екипите кои имаат вложено навистина големи средства за третолигашки услови и сето тоа може да има големи финансиски импликации за сите клубови во иднина“ – изјави Стојмир Урошевиќ, спортскиот директор на ФК Тетекс.

Третата лига – Запад е прекината пред стартот на пролетниот дел. На првото место е Беса од Добри Дол со четири бодови предност пред Тетекс.

Се вчитува...