Тежок пад на трикратниот светски првак во скијачки скокови: Шлиренцауер пренесен во болница (ВИДЕО)

Настапот во квалификациите на денешниот натпревар во скијачки скокови во Оберсдорф, беше фатален за трикратниот светски првак, Грегор Шлирецауер. Австриецот прескокна 201 метри, но при доскокот имаше тежок пад и веднаш беше пренесен во болница.

Според првичните информации, 27-годишниот Шлиренцауер при падот го повредил десното колено кое лани му беше оперирано, а има и повреда во пределот на градниот кош.

Gregor Schlierenzauer Crash by videosansebastian

Лани, на почетокот на годината австрискиот ски-скокач го повреди предните вкрстени лигаменти на десното колено и по операцијата имаше долга пауза. На скокалницата се врати во декември минатата година, а првиот настап во натпреварите од Светскиот куп му беше на 13 јануари во Полска. Но, само што влезе во ритам, на Шлиренцауер денеска му се случи нова несреќа на обновената скокалница во Оберсдорф. Австриецот е подложен на дополнителни лекарски прегледи по кои ќе се знае точно колку се сериозни повредите од денешниот пад и колкава пауза го очекува во наредниот период.

Инаку, втората сесија скокови во Оберсдорф е откажана порад силен ветар, а победник по првата серија скокови е Штефан Крафт од Австрија.

Се вчитува...