ТФТ стигна до победа во првиот натпревар во мак-баскетот за 2022 година откако на домашен терен славеше над Куманово со 109-97. „Црно-белите“ во поголемиот дел од натпреварот ја имаа предноста во своите раце, во последната четвртина преку добрата игра на двата дела од теренот стигнаа и до висока предност по што одолеаја на налетот на Куманово при самиот крај за мирен финиш и нови два бода.
Отварањето на натпреварот беше во знакот на ТФТ кој преку Смит и Хортон рано стигна до предност од 15-7, но како што одминуваше првата четвртина и кумановци ги консолидираа своите редови па стигнаа до негатива од само четири поени (27-23) по првите 10. минути игра. Добриот ритам на „сино-белите“ продолжи и до крајот на првото полувреме по што во 24. минута стигнаа и до првата предност на мечот, за потоа истата да се зголеми и до +8 (41-49). Сепак финишот на првите 20. минути им припаднаа на „црно-белите“ кои со серија од 8-0 стигнаа до минимална негатива (48-49).
Изедначениот натпревар продолжи и на отварањето на второто полувреме, а повторно ТФТ беше оној кој успеа да влезе во серија при крајот на четвртината. При резултат 62-60 домаќините успеаја да ја „зацврнат“ одбраната, а блеснаа и во нападот каде со неколку мини серии стигнаа до преност од 82-73 пред одличувачката четвртина. Во неа предноста во еден момент се искачи на 89-75 по што со серија од 8-1 кумановци ја вратија едноцифрената негатива, но немаа сили за целосно враќање во натпреварот и загрозување на победата на домаќините.
Хортон со 26 поени и 11 скока беше лидер на домашниот тим, додека со 20 поени и 6 скока него го следеше Смит. Нив ги следеше Костоски со 18 поени, 6 асистенции и 5 скока. Зивчевиќ беше прво име кај гостите со 24 поени, 8 скока и 6 асистенции, 19 поени, 9 скока и 6 асистенции забележа Глигоријевиќ. Мексван мечот го заврши со 18 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА