ТФТ преку ФМП до историско финале во Купот на Македонија

ТФТ е првиот финалист во овогодишното издаение на Купот Благоја Георгиевски – Буштур откако во првото полуфинале славеше над Академија ФМП со 94-72. Избраниците на Смилковски одиграа одлично во одбраната против бековската линија на ФМП која беше лимитирана во нападот и неутрализирана во транзицијата па двоцифрената преднсот стекната во втората четвртина беше умешно искористена до крајот на средбата.

Натпреварот започна во одлично напаѓачко темпо на двете страни од паркетот во кое главната улога ја имаше бековската линија со тоа што играта „два на два“ носеше лесни поени за двата тима. ТФТ прв успеа да го затвори рекетот, а тоа донесе и поени од транзиција па „црно-белите“ први ја превземаа иницијативата и стингаа до предност од повеќе од еден напад. Сепак составот од Кисела Вода успеа да ја сведе негативата на само 26-24 по 10. минути игра благодарение на тројката со звукот на сирената на Кошанин. „Црно-белите“ продолжија со добриот ритам во нападот, а ја задржаа цврстината во одбраната каде ги лимитираа Крстајиќ и Ајви па преку серија на тројки стигнаа и до двоцифрена предност (39-28). Академија ФМП навремено ја консолидираше одбраната и не дозволи дополнување на негативата, но избраниците на Петровиќ не успеаја да го најдат ритамот во нападот каде промашуваа зицери под обрачот па на полувремето заминаа со негатива од 50-41.

Лимитирањето на Крстајиќ и Ајви во нападот продолжи да биде адут за ТФТ и на отварањето на второто полувреме во кое избраниците на Смилковски преку продорите во рекетот стигнаа и до највисоките +16 (62-46), a и покрај тоа што не успеаја да го задржат моментумот, ја задржаа двоцифрената предност пред одлучувачката четвртина (69-57). Во неа ТФТ продолжи да ја контролира играта, а и покрај тоа што не успеваше да стигне до лесни поени во нападот на самото отварање, ја контролираше скок играта за постојано одржување на двоцифрената предност. Во полза на ФМП не беше ни проблемот со лични грешки на бековите па како што одминуваа минутите така падна и агресивноста на „сино-црните“ кои противничките играчи ја искористија за зголемување на предноста и решавање на прашањето за првиот патник во финалето.

Ландриус Хортон беше прво име во редовите на ТФТ со 20 поени и 5 скока, дабл-дабл од 16 поени и 10 асистенции додаде Александар Костоски, додека со по 13 поени натпреварот го завршија Смит и Бишоп. Бре Ајви беше лидер на ФМП со 20 поени и 6 скока, 14 поени и 4 скока додаде Крстајиќ, а двоцифрен беше и Темелковски кој на 12 поени додаде и 7 скока.

Се вчитува...