„ТИ БЛАГОДАРАМ КОБИ“ – Детето кое стана маж со твојата кошарка

Ти благодарам Коби. Ти благодарам за тоа што беше Џордан на мојата генерација. Ти благодарам што часовите во основно и средно ми ги правеше полесни. Tи благодарам за првиот „кец“ во училиште. Ти благодарам и за првата симпатија и првиот бакнеж. Ти благодарам за се што направи да ја засакам оваа прекрасна игра. Големо благодарам од детето во мене. 

—————————————————————————————————————————————–

Еден ден по страотната несреќа во која загина најголемиот идол на децата родени на средината на деведесеттите години на минатиот век, се уште не можам да се помирам со вистината. Се личи како еден страотен кошмар кој ќе помине со доаѓањето на утрото и почетокот на новиот ден. Болката е голема. Многумина од нас никогаш не биле ниту близу до запознавање на Коби, но секој од нас има чувство како да го познавал цел живот. Големината на еден човек се гледа со тоа што кога ќе замине од овој свет, заминува дел и од сите нас. Не е важно дали си кошаркарски фан, луѓето како Коби се повеќе од играта. Заврши со кошарка, освои „Оскар“. Таквите луѓе ја менуваат „поп-културата“. Другарка која нема никакви афинитети кон спортот ми пиша порака… „Леле зар е можно ова да е вистина?! Зар е можно Коби Брајант да умрел?! Добар ли си?“. 

„Да океј е“, одговорив, но длабоко во себе знаев дека тоа не е така… Знаеше и таа. 

Можеби бевме премногу мали за да се сеќаваме на Џордан, но имавме „тамам“ години за да можеме да ја проследиме кариерата на „Црната мамба“. Многу непроспиени ноќи уште од времето кога беше само „малиот“ кој му помага на Шек во покорувањето на НБА. Непроспиена ноќ кога сам го преслуша Торонто со 81 поен, а следниот ден воопшто не ми беше важно што добив „кец“ по математика. Единствено важно тоа утро, беше равенството ако цел тим даде 122 поена, а еден кошаркар 81 поен, колкав е бројот на поени на останатите кошаркари? Очигледно тоа на наставничката не и беше важно, но што е тука е, „кецови“ се поправаат, 81 поен не се дава повторно. Непроспиени ноќи кога докажа на цел свет дека може без Шек и освои два прстена во две години. Непроспиените ноќи ќе останат, бидејќи кога НБА еднаш ќе ти влезе под кожата, никогаш не може да излезе. Но, нема да биде исто. Нема да биде бидејќи никогаш веќе нема да биде покрај теренот на мечевите. Во „оф-сезоната“ нема да може „мамба менталитетот“ да им го пренесе на новите „дечки“ на кои сон им е да бидат како него. Веќе ништо нема да биде исто. 

—————————————————————————————————————————————–

Останува голема жал и за неговата ќерка која требаше да тргне по патот на нејзиниот татко. Ако е трагедија смрт на 41-годишник, што е тогаш на 13-годишно девојче? Мора да биде НЕПРАВДА. Џана почивај и ти во мир заедно со татко ти, а ние од тука ќе жалиме, бидејќи „виши сили“ не ти дозволија. на свој начин да го „изодиш својот пат“.

Еднаш и самиот кажа, „Животот е премногу краток, за да му дозволиш да те обесхраби“. Tој со 41 годинa, успеа да направи нешто што 90 отсто од нас обичните смртници нема да можат за цел живот. Да, Коби не е човек, Коби e „КОШАРКАРСКИ БОГ“. Тој не почина, тој замина на небото каде заедно со останатите богови, ќе ни се „сити“ на нас обичните смртници кои се заморуваме со проблемите кои ги носи секојдневието. 

—————————————————————————————————————————————–

Омилена песна му беше „My way“ од Синатра, песна која што на крајот го одбележа неговиот живот.  „Сега крајот е близу, јас се соочувам со него. Живеев исполнет живот и повеќе од тоа што го направив, го направив на мој начин“Неговиот крај дојде, но само тука на земјата. Сега има нов пат, кој што треба да го изоди таму горе, како што знае само тој, НА НЕГОВ НАЧИН

Детето во мене ќе плаче, но мажот ќе ги избрише неговите солзи, велејќи му „Мали ова не е крај. Биди горд што ја имаше таа чест да растеш во времето на КОБИ БРАЈАНТ“. 

ПОЧИВАЈ ВО МИР ЛЕГЕНДО!

Се вчитува...