Тирана стана пресилна за Куманово

Кошаркарите на Куманово во четвртото коло од БИБЛ-лигата го претрпеа својот трет пораз, овој најмалку очекуван со оглед на фактот дека гостуваа во Тирана, но загубија со 75-73. Кумановци ја имаа улогата на фаворити, но три четвртини играа очајно. Дури откако се соочија со негатива од 19 поени избраниците на новиот тренер Александар Петровиќ заиграа квалитетна кошарка, дојдоа дури и до „егал-завршница“, но сепак не успеаја целосно да го свртат резултатот во своја полза.

Македонскиот претставник добро го почна натпреварот, поведувајќи со 5-11, но потоа Тирана со серија од 9-0 го презеде водството и почна да го контролира резултатот. Првата четвртина заврши со минимални 17-16, за потоа домашниот тим уште повеќе да доминира во вториот период и на одмор да замине со убедливи 11 поени разлика (41-30). Советите на тренерот Петровиќ на полувремето дефинитивно не вродија со плод, па кумановци одиграа катастрофално и во третата четвртина, па во последните десет минути се влезе со преубедлива предност на Тирана од 66-47.

Дури тогаш македонскиот состав почна да игра одбрана, ги затвори приодите кон сопствениот кош, па предноста на домашниот тим од минута во минута се повеќе се топеше. Ковач и Раме погодија тројки на самиот старт од четвртината, потоа во ритам влегоа и останатите кошаркари, па по серијата поени на Караколев и новата тројка на Ковач, Куманово на две минути до крајот израмни на 71-71. Домаќините беа во шок, но Штерјов промаши две слободни фрлања со кои можеше да го комплетира пресвртот, по што Тирана се врати во живот. Абдул-Басит реализираше за водство на албанскиот клуб, по што македонската екипа промаши три шутеви, за Рами да израмни на 73-73 со положување по офанзивниот скок на Штерјов, на 19 секунди до крајот. Следеше прекршок по кој Абдул-Басит погоди две слободни фрлања за 75-73, но Куманово го доби последниот напад, а Петровиќ зеде тајмаут. Сепак, советите на новиот тренер не вродија со плод, македонскиот претставник не ги искористи преостанатите 13 секунди, па претрпе пораз на ова гостување.

Никола Караколев беше најефикасен со 23 поени, Ковач постигна 15, а Караџовски 12 поени за кумановци, кои во следниот дуел од домашното првенство ќе го пречекаат шампионот МЗТ Скопје.

Се вчитува...