Тивките херои на полуфиналето – Лефкоски и Јанески

Блокотехна и Работнички попладнево ќе ги одмерат силите во големото финале од Купот на Македонија, откако славеа во драматичните полуфинални пресметки во вториот натпреварувачки ден од Ф8 турнирот во Гевгелија. Полуфиналето донесе двајца неочекувани херои, кои се јавија во вистински момент за своите тимови и помогнаа кога се „кршеше резултатот“.

Војче Лефкоски важи за „мотор“ во одбраната на Блокотехна, но овој кошаркар блесна и во нападот против Гостивар. Речиси два месеци беше надвор од терените, се уште не е целосно рехабилитиран, но стисна заби и настапи во полуфиналето, враќајќи ја самодовербата кај играчите на Блоко по очајното прво полувреме. Влезе во игра во вториот дел, постигна четири тројки, а потоа заслужено со аплаузи беше испратен кога го напушташе теренот поради пет лични грешки. Работата си ја заврши беспрекорно, па неслучајно и тренерот Илиевски по полуфиналето го издвои како најзаслужен за пласманот во големото финале.

„Моја работа е да го давам максимумот секогаш кога сум на теренот. Го сторив тоа и против Гостивар, секако дека сум пресреќен што дадов голем придонес за победата“ – скромно изјави Лефкоски.

Марјан Јанески станува вистински кошмар за МЗТ Скопје откако крилниот центар втор натпревар сезонава го предводи Работнички во победа на „вечно дерби“.

Јанески го заврши натпреварот со 17 поени и шест скокови, но она што е најзначајно – блесна кога беше најважно. Кога неговите соиграчи немаа сили во самата завршница, Јанески ја презеде одговорноста. Тој постигна осум поени во второто продолжение, кршејќи го отпорот на „металците“ и носејќи го Работнички кон ново куп-финале.

И двајцата тренери имаат свои главни адути и за денешното финале, но во мечеви кои вообичаено се решаваат на инспирација многу лесно може да се случи некој ваков „тивок херој“ да блесне и да ја одведе својата екипа до големиот пехар.

Се вчитува...