Чудна тишина: Што се случува во Работнички?

Додека останатите македонски прволигаши активно преговараат и потпишуваат договори со нови кошаркари, најголемиот „молк“ сосема неочекувано доаѓа од вицешампионо Работнички. Марин Докузовски се повлече од тренерската позиција и најверојатно ќе добие директорска функција, улогата на нов тренер му е доделена на Димитар Мираковски, но кога станува збор за играчкиот ростер – не само што е „тивко“ со нови кошаркари, туку и поголемиот дел од ланската екипа веќе е на излезна врата од „Градски Парк“.

Капитенот на Блокотехна, Горан Главчев, е единствениот кошаркар што досега потпиша договор со најтрофејниот кошаркарски колектив. Тренерот Мираковски во меѓувреме оствари контакт со уште неколку кошаркари, но преголемата пасивност на „центарци“ придонесе овие играчи многу посериозно да ги разгледуваат останатите понуди што пристигнуваат на нивна адреса.

Во меѓувреме, покрај Мираковски во пензија замина и ветеранот Чековски, центарот Бојан Крстевски се пресели во МЗТ Скопје, Бобан Стајиќ по пропаднатиот трансфер во МЗТ се пресели во Кожув заедно со Караџовски, а Работнички го напушти и најдобриот кошаркар од последните две сезони, бугарскиот репрезентативец Чавдар Костов. Ако на ова се додаде дека и Марјан Јанески е многу блиску до враќање во Куманово (има понуда и од Гостивар), а неизвесно е и останувањето на Кире Николовски, јасно е дека „центарци“ ќе бидат со максимално истенчен „ростер“.

Покрај Главчев, под договор со Работнички е уште и Виктор Ефремовски, но со правилото за двајца домашни играчи на терен јасно е дека ќе мора да се поработи активно за создавање на цврст домашен колектив, што потоа би бил надополнет со странски кошаркари. А понудата на „пазарот“ кога станува збор за македонските играчи од ден на ден е се помала.

Се вчитува...