Тоа би било прв пат – Реал и Барса подготвуваат „трампа“

Реал Мадрид и Барселона се огромни ривали чии битки важат за најгледани во светот на фудбалот, но според шпанските медиуми лесно може да дојде до размена на фудбалери меѓу овие два клуба во претстојниот преоден рок. Заминувањето на фудбалер од еден во друг клуб меѓу овие гиганти секогаш се оценува како предавство, но овојпат тоа би било сторено со „благослов“ на челниците, кои за возврат би добиле играч што го сметаат за квалитетно засилување за својот тим.

Дека Барселона е заинтересирана за Иско не е никаква тајна, се шпекулираше дека Реал има клаузула во договорите со своите играчи со која им забранува директна преселба кај големиот ривал, но според последните информации Флорентино Перез е подготвен да седне на маса со челниците на каталонскиот гигант. Причина за ваквиот пресврт е се посериозниот интерес што Реал Мадрид го искажува за Иван Ракитиќ, фудбалер кој како и Иско настапува во средината на теренот и кого Зинедин Зидан го смета за идеален партнер на Лука Модриќ, со кого беспрекорно функционира и во хрватскиот национален тим.

И двајцата плејмејкери имаат договори до 2018 година кои се уште не се продолжени, па не се исклучува можноста Реал и Барса на крајот навистина да постигнат договор и да ги разменат овие двајца играчи, наместо летово да ги продадат, па потоа да бараат дополнително нивни замени.

Се вчитува...