Тоа ќе биде шоу: Лас Вегас домаќин на целиот плејоф во НБА-лигата

Секој нов ден се раѓа нова идеја околу можната завршница на НБА-лигата, а последната информација според бројни американски медиуми е многу реална – целиот плејоф да се игра во еден град, и тоа да биде Лас Вегас.

Иако во претходните денови се шпекулираше со Хаваи и Бахами, „градот на комарот“ е новиот фаворит во оваа трка. Веќе 16 години наназад Летната лига почнува токму од овој град, турнири во кои учествуваат сите 30 тимови. Раководството на лигата има добра соработка со градските власти, менаџерите на клубовите се добро поврзани со газдите на хотелите, па се верува дека може да биде постигнат договор за целосна логистичка поддршка.

Со оглед на засилениот раст на епидемијата низ САД, речиси е невозможно средбите да се одиграат пред навивачи, но пресудна е желбата да се реализираат договорите за ТВ-права, така што клубовите ќе треба да ги убедат големите „ѕвезди“ предводени од
Леброн Џејмс на ваква завршница од сезоната.

Според специјализираниот кошаркарски новинар на ТВ-мрежата ЦБСЦ, Џабари Јанг, сите заинтересирани страни се подготвени да го прифатат Лас Вегас за град домаќин, свесни дека ќе треба да минат најмалку уште дополнителни два-три месеци за да се создаат услови за патување низ САД за доигрување на сезоната.

Сега се преговара за системот на натпреварување, a најголем дел од тимовите се согласни веднаш да биде прогласен крај на регуларниот дел од сезоната, а потоа да се прејде на плејоф. Според тоа, првото коло од плејофот би се играло во три добиени натпревари. Најдобрите четири екипи од секоја конференција потоа би играле фајналфор, одделно за „западот“ и „истокот“. Потоа, најдобрите екипи од двете конференции би играле големо финале, во серија кој прв до три победи.

Доколку овој предлог биде прифатен, во првото коло од плејофот во источната конференција би се сретнале: Милвоки – Орландо, Мајами – Индијана, Бостон – Филаделфија и Торонто – Бруклин. Во битката за тронот на „западот“ би се сретнале: ЛА Лејкерс – Мемфис, Јута – Оклахома, Денвер – Хјустон и ЛА Клиперс – Далас.

Се вчитува...