Тодоров меѓу четирите кандидати за селектор на Бугарија

Македонскиот кошаркарски стратег, Александар Тодоров, е еден од четирите кандидати за функцијата селектор на Бугарија, пишуваат медиумите кај источниот сосед. Бугарите се во потрага по нов селектор откако Љубомир Минчев одби да го продолжи договорот како предводник на националниот тим, по што „Тема Спорт“ објави кои четири стратези се во игра за оваа функција.

Фаворит во трката е Константин „Тити“ Папазов, кој и претходно беше селектор на оваа репрезентација, но не успеа да ја одведе на едно Европско Првенство. Се уште е неизвесно дали Папазов ќе остане на клупата на Левски Лукоил и за наредната сезона, а негов сериозен ривал во трката е младиот бугарски стратег Људмил Хаџисотиро – Удо, шеф на стручниот штаб на Рилски спортист.

Доколку Бугарите се решат за странска опција, една од двете варијанти е ангажман на Александар Тодоров, поранешниот предводник на Рилски спортист и на Балкан, кој последниот ангажман во Бугарија го имаше како помошник на Папазов во стручниот штаб на Лукоил. Тодоров ланската сезона ја мина во романскиот прволигаш Крајова, каде се очекува да остане уште најмалку една година.

Последната опција за селектор на Бугарија е поранешниот македонски кормилар, Србинот Јовица Арсиќ, кој штотуку потпиша договор со новиот шампион Балкан.

Се вчитува...