Тодоровиќ: Куманово е подготвено за битка за Топ 6

Кошаркарите на Куманово успешно ја завршија првата фаза од подготовките за новата сезона, па „сино-белите“ веќе стартуваа и со подготвителни натпревари. На првиот меч избраниците на Мирковски неочекувано загубија од МЗТ Скопје 2, но затоа прикажаа многу подобра игра и заслужено триумфираа на вчерашната контрола против Кожув, против тим што ќе им биде директен ривал во борбата за Супер-лигата.

Ова се само почетни пријателски натпревари кои не се мерило на вистинските квалитети, ние знаеме дека можеме да играме многу подобро. Напорно трениравме во изминатиот период, а во периодот што следи ќе ја темпираме формата за максимално подготвени да го дочекаме стартот на сезоната. Знаеме дека нема да биде лесно, борбата за влез во Топ 6 ќе биде напорна, но веруваме во своите квалитети, дека можеме да ја оствариме оваа цел“, истакнува капитенот на кумановци, Мишо Тодоровиќ.

Куманово, како и поголем дел од прволигашите, направи сериозен „ремонт“ во играчкиот кадар, а покрај бројните кошаркарски засилувања беше доведен и Владимир Мирковски како нов кормилар, на местото на Александар Петровиќ.

„Секој нов тренер вообичаено наметнува и нови идеи. Мирковски инсистира на брза кошарка, што ни одговара како стил на игра со оглед на засилувањата што беа доведени. Добро е што до стартот на сезоната ќе одиграме уште неколку контролни средби, за уште повеќе да напредуваме за почетокот на шампионатот. Во секој случај, во Куманово владее оптимизам во пресрет на новата кошаркарска сезона“, порачува Тодоровиќ.

Се вчитува...