Толку од европското лето на Работнички – Убедлив пораз од Хонвед (ВИДЕО+ФОТО)

Работнички не успеа да се пласира во 2. квалификациско коло во Лигата на Европа откако во реванш пресметката против Хонвед во Будимпешта не успеа да ги зачува оние 2-1 предност од првиот дуел во Скопје. На реваншот „романтичарите“ загубија од Хонвед убедливо со 4-0 (2-0).

Унгарците задачата си ја завршија уште во првите 16 минути, кога максимално ги искористија катастрофалните грешки во одбраната на македонскиот состав. Најпрво во 6. минута Филип Холендер украде топка од Деан Митрев на 30 метри пред голот на Божиновски и осамен изби во продор по што не му беше тешко да стрела за 1-0.

Веќе во 16. минута лоша офсајд замка на „романтичарите“ и Холендер повторно проигран во празно и откосо од десеттина метри прецизно стрела за 2-0.

Единствената шанса во првиот дел Работнички ја имаше преку Стевановиќ во 45. минута, но неговиот обид од околу 18 метри беше блокиран од домашната одбрана.

Во вториот дел, сосема еднаква слика на теренот. Без многу шанси за гол на „романтичарите“ кои се заканија во 57. минута преку Оливер Пеев, но неговиот шут беше непрецизен.

Во 62. минута исклучување за Херера кој во шеснаесетникот го собори Данило, а истиот играч беше прецизен од белата точка за водство и од 3-0. Тоа веќе беше крај на сите надежи за Работнички дека може да се избори барем за продолженија.

На крајот Хонвед дојде и до убедливи 4-0 со голот на Данило во 84. минута, за завршување на европското лето на составот на Ѓоре Јовановски.


ЛИГА ЕВРОПА – ПРВО КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО (реванш меч)

ХОНВЕД (УНГ) – РАБОТНИЧКИ (МКД) 4-0 (2-0)

Вкупен резултат: 5-2

Стрелци: Холендер 6′, 16′, Данило 63′(п), 84′ (Х). Црвен картон: Херера 62′ (Р)

ХОНВЕД: Гроф, Батик, Камбер, Дино, Хефлер, Наѓи, Вадош, Газдаг, Узома, Холендер, Данило

Тренер: Атила Шупка

РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Стевиќ, Најдовски, Митрев, Херера, Пеев, Стјепановиќ, Бопесу, Шаркоски (70′ Гофри), Стевановиќ, Петковски (70′ Ф. Петковски)

Тренер: Ѓоре Јовановски

Се вчитува...