Тони Симиќ повеќе не е шеф на стручниот штаб на Работнички откако самиот си поднел оставка од функцијата, како кулминација на огромната криза во која се наоѓа најтрофејниот македонски кошаркарски колектив.
Навивачите веќе подолго време бараа заминување на тренерот, кој со оглед на проблемите во клубот сосема добро ја водеше екипата и бележеше солидни резултати. Челниците за момент му дадоа поддршка на Симиќ, но по заминувањето на Чековски од директорската функција сега и самиот тренер реши да се повлече, свесен дека за кризата на Работнички нема „светло на крајот на тунелот“.
„Центарци“ се наоѓаат во хаотична ситуација, се должат плати на кошаркарите уште од самиот старт на сезоната, странците веќе си заминаа, а од поискусните кошаркари остана единствено капитенот Горјан Марковски. Во ситуација кога тимот на Работнички повеќе наликуваше на „детска градинка“ отколку на кошаркарски прволигаш, „центарци“ беа декласирани од Феникс со преубедливи 102-51, еден од најсрамните порази во богатата историја на КК Работнички.
Тони Симиќ поради здравствени проблеми не го водеше тимот на оваа средба, но тренерот секако е споредна улога кога кризата е толку длабока. Затоа, на општина Центар и на челниците на клубот е што поскоро да се најде решение за „црвено-белите“ да застанат на здрави нозе, а не да стравуваат за опстанок во елитата.
Затоа што – Тони Симиќ сигурно не е виновникот што клубот е на ова ниво, туку оние кои го водеа во изминатите години, како и актуелната управа што не покажува особен интерес за да го запре забрзаниот пад на „заспаниот џин“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА