Топ 5 НБА кошаркари на деценијата – Кралот, Дурантула, Стеф, Уништувачот на династии и Мистер трипл-дабл

Со завршувањето на 2019 година се заокружува период од десет години во кој бевме сведоци на неверојатни спортски приказни. Редакцијата на ЕКИПА.МК составува листа од топ 5 НБА кошаркари кои ја одбележаа изминатата декада.

РАСЕЛ ВЕСТБРУК 

Единствен на листата кој нема досега освоено прстен, но човек кој имаше сезона со 42 трил-дабл учиноци и две сезони со просек од трипл-дабл по натпревар, мора да биде дел од петте кошаркари кои ја одбележаа изминатата декада. „Последниот мохиканец“ во Оклахома, единствениот кој не го напушти бродот што тоне и со тоа си загарантира место во „Куќата на славните“ во Спрингфилд. На стартот на декадата Оклахома беше тим во НБА со најголем талент. Триото Дурант, Вестбрук и Харден ги водеше Тандер до финалето во 2012. Загубија од далеку поискусниот Мајами, со Леброн Џејмс, Двејн Вејд и Крис Бош. Го загубија финалето, но ја загубија и иднината. Прво Харден, а потоа по поразот во финалето на Западот во 2016 од Голден Стејт, по водство од 3-1, го загубија и Дурант. Весбрук остана сам, но не се предаде. Го водеше тимот неколку сезони по ред во плеј-офот и ги одигра најдобрите статисчки сезони по Оскар Робертсон. Можеби не освои прстен декадава, но дефинитивно популарниот Рас ја одбележа со неговиот став на теренот, но и надвор од него.

КАВАИ ЛЕНАРД 

Човекот кој го доби прекарот „Уништувач на династии“ мора да биде дел од топ 5 листата на кошаркари кои ја одбележаа изминатата декада во НБА. Прво, со Сан Антонио во 2014 ја сруши империјата на Мајами Хит, предводена од дуото Леброн-Вејд, а потоа минатата сезона на „гордата“ Канада и го донесе првиот историски прстен, откако во финалето триумфираше над Голден Стејт Вориорс, тим кој доминираше последните пет сезони во најсилната лига во светот. Секогаш успехот на тимот му е пред индивидуалната статистика, нешто што тие што не го сакаат му замеруваат, бидејќи веројатно ќе биде еден од најголемите кој никогаш нема да се закити со признанието МВП на регуларниот дел од сезоната. Следна предизвик на Каваи е вечно вториот тим во ЛА, Клиперс да го одведе до титулата и да го уништи митот за непобедените Лејкерс во градот на Ангелите. Лесно нема да биде, но невозможно секако не е.

СТЕФ КАРИ 

Веројатно најдобриот шутер во историјата на лигата. Единствениот човек кој стигна до признанието за најкорисен кошаркар со сите можни освоени гласови. Ги урна скоро сите рекорди кога се во прашање погодените шутеви за три поени (му недостига уште тој за најмногу во лигашкиот дел, пред него се Милер и Ален). Пет последователни финалиња три пати НБА шампион со Голден Стејт. Во 2016 ги водеше Вориорс до најдобар учинок во историјата на лигата од 73 победи. Голема е листата на индивидуални и тимски рекорди на едната половина од „Сплеш брадрс“. Најдобрите години од кариерата веројатно веќе се минато за „Чиф Кари“, но едно е сигурно местото во „Спригнфилд“ му е веќе обезбеден и тоа во првата номинација, четири години по завршувањето на кариерата.

КЕВИН ДУРАНТ 

Кошаркарот кој крена најмногу прашина и полемики минатава деценија во НБА лигата. Во 2016 загуби во финалето на западот од Голден Стејт по водство од 3-1, а веќе следната сезона реши да му се приклучи на тимот кој имаше најдобар учинок во историјата на натпреварување (73-9). Многумина го прогласија за предавник и за човек кој е кошаркарски лузер, бидејќи за да биде најдобар им се придружува на најдобрите. Сепак, тој покажа дека не е тоа така. Факт е дека без неговата помош Вориорс немаше да освојат две титули во следните две години по трагичниот пораз во финалето токму таа 2016. Два беше МВП на финалните натпревари против Кливленд и два пати од исто место постигнуваше тројка и ги уриваше сите надежи на Кливленд за освојување на трофејот. Еднаш МВП на регуларниот дел од сезоната, неколку пати најдобар поентер во лигата и клучни игри во одбрана на најважните натпревари. Дефинитивно Кевин Дурант го заслужува местото во ТОП 5 кошаркари на деценијата. Следен негов предизвик е Бруклин, каде што заедно со Кајри Ирвинг имаат мисија да ги искачат Нетс на врвот на НБА лигата.

ЛЕБРОН ЏЕЈМС 

Леброн Џејмс е најдобриот кошаркар во последната деценија. Тоа што беше Џордан во деведесетите и Коби во нултите години од овој век, Леброн е тоа во десетите години. Осум финалиња по ред, нешто со кое не можат да се пофалат ниту најуспешните „франшизи“ во четирите професионални спортови во Соединетите Американски Држави. Три шампионски трофеи во последните десет години и исто толку МВП признанија во финалните серии. Четири пати најкорисен кошаркар во регуларниот дел од сезоната и човек кој успеа за прв пат да го искачи Кливленд на врвот на кошаркарскиот Олимп. Најдоминантниот кошаркар на денешницата има следна цел да стане бесмртен и во „градот на Ангелите“ кој за разлика од Кливленд и Мајами е далеку по размазен кога се во прашање успесите.

Се вчитува...