Топло во Аеродром: Феникс го совлада Работнички со 51 поен разлика

Феникс 2010 со победа од 102-51 над Работнички ја отвори новата година. ‘Виолетово-жолтите’ одиграа одличен натпревар во кој ја искористија кратката клупа на противникот со агресивна одбрана во текот на поголемиот дел од мечот. Постојаното превземање донесе тешки обиди за ‘црвено-белите’, а нападот на домаќинот функционираше одлично па нашиот најтрофеен клуб кој на овој меч настапи со млади играчи беше рамноправен противник само во воведните минути.

Натпреварот започна во изедначено темпо на двете страни од теренот, но како што одминуваа минутите домаќините ја зацврстија одбраната, стигнаа и до поени од втора шанса во нападот па поведоа со 27-18 по десет минути игра. Добриот моментум на Феникс продолжи и до крајот на првото полувреме при што Работнички беше лимитиран на само два поени за седум минути игра па предноста дополнително се зголеми на 45-27 по првите 20. минути.

Работите не се променија ниту во второто полувреме. Избраниците на Дервишевиќ одиграа одлично во нападот и одбраната, превземањето донесе тешки обиди за Работнички, а Феникс влезе и во ритам со шутот за три поени па предноста на домаќините од минута во минута се зголемуваше за +40 (79-39) по 30. минути игра. Последната четвртина беше само формалност во која шанса добија сите играчи на двата тима, а домаќините не го испуштија моментумот и дополнително ја зголемија предноста.

Најефикасен на средбата беше Бојан Трајковски кој постигна 17 поени, 6 асистенции и 5 скока, а по 13 имаа Михајлоски, Митревски и Морган. Какруки кај Работниќки беше најефикасен со дабл-дабл од  13 поени и 12 скока, додека Горазд Величковски додаде 12 поени.

Се вчитува...