Торес останува во Атлетико: Не се откажувам од мојот клуб

Напаѓачот на Атлетико Мадрид, Фернандо Торес истакна дека ќе остане во редовите на „јорганџиите“ и покрај тоа што тимот има многу напаѓачки опции кои му стојат на располагање на Симеоне. Од Шпанија произлегоа шпекулации дека популарниот „Ел нињо“ од јануари ќе си замине од Мадрид поради големата конкуренција во првиот тим, но Торес негира дека е блиску до преселба во друг клуб.

„Секој следен натпревар може да ми биде последен во овој дрес, можеби и не, но јас така се чувствувам кога и да излезам на теренот. Кога и да добијам шанса играм како да ми е последен меч за Атлетико. Факт е дека има многу конкуренција за почетниот состав, но не чекам никој да ми даде шанса, работам напорно за да ја заслужам. Знам дека и со доаѓањето на Диего Коста шансите за минутажа ми се минимални, но така беше и со Гамеиро. Бев негова замена во текот на минатата предсезона и почетокот на истата, но како што изминуваа натреварите добивав се повеќе шанса, стартував доста натпревари. Кога имав 17 години многу фанови ми зборуваа дека јас им дадов надеж кога заиграв за Атлетико, затоа не можам туку така да се откажам и да си заминам од клубот поради недоволното играње“, истакна Торес.

Атлетико со отворањето на зимскиот трансфер период ќе може да ги регистрира засилувањата Диего Коста и Витоло,  додека во тимот се Антоан Гризман, Кевин Гамеиро, Анхел Кореа и Лусијано Вието.

Се вчитува...