Торонто нема да оди кај Трамп во Белата куќа

Торонто Репторс пред десетина дена ја освоија првата титула во историјата на клубот во НБА лигата, чест која што носи прием во Белата куќа кај претседателот на Соединетите Американски Држави.

Сепак, откако Доналд Трамп седна на позицијата прв човек на една од најмоќните држави во светот, НБА шампионите одбиваат да одат на прием, како и поголемиот дел од шампионите во сите професионални лиги во САД, поради дискриминаторските политики кои ги води Трамп. Бекот на репторс, Дени Грин, вели дека тие ќе ја продолжат традицијата и нема да одат на прием во Белата куќа.

„Мислам дека нема да ја прифатиме поканата, ако воопшто и ја има. Се обидуваме секого да го почитуваме, но тој тоа навистина не се обидува да ги подобри работите. Пристојно да се изразам, одговорот на поканата ќе биде НЕ“, изјави Грин.  

Дел од медиумите во САД, пренесуваат дека Торонто Репторс, наместо на прием во Белата куќа, ќе одат кај канадскиот премиер Џастин Трудо.

Се вчитува...