Торонто се малерите: Штом освојат титула, следната сезона не се доигрува…

Торонто Репторс го нокаутираа дотогашниот доминантен НБА првак Голден Стејт Вориорс и првпат во историјата го освоија шампионскиот трофеј. Помалку од една година подоцна продолжението на сезоната во НБА – лигата е доведено во опасност, како впрочем и целиот спорт поради паниката и заразара што ја шири коронавирусот.

Каква врска има тоа со Торонто, ќе се прашате. Ќе се вратиме 100 години наназад. Во годината 1918, Торонто Мепл Лифс за првпат стана првак во хокеј на мраз, го освои Стенли купот. Следната сезона не е добиен нов шампион бидејќи финалната серија која стигна до шестиот натпревар беше откажана. Причината е епидемија на шпански грип. Во финалето играа Сиетл и Монтреал, по пет натпревари резултатот беше 2-2 (четвртиот меч заврши без победник 0-0 и после две продолженија), а шестиот натпревар требаше да го даде новиот шампион. Но, само неколку часа пред одигрувањето стигна веста дека неколку играчи се заразени и се беше откажано.

Во 1993 година Торонто Блу Џејс стигнаа до шампионскиот трофеј во безбол, а година дена подоцна лигата беше суспендирана поради жестоката караница меѓу сопствениците и раководството на лигата за воведување на „селари кап“. Не се играше поголем дел од сезоната, а откажани беа вкупно 948 натпревари.

Дојдовме во сегашноста, 2020 година, Торонто Репторс се прваци во НБА – лигата која ја нападна новиот светски вирус – корона, а заразени беа двајца кошаркари на Јута Џез, Руди Гобер и Донован Мичел. Кошаркарите од најдобрата лига во светот нема да бидат на паркетите во наредните триесетина дена, можеби и повеќе…

Ајде кажете дека Торонто не се малерите…

Се вчитува...