Тотенхем успеа да доведе уште едно засилување во своите редови откако „спарси“ постигнаа целосен договор со Баерн Минхен за ангажман на Жоао Палиња, големиот борец кој би требало да донесе цврстина во средниот ред на лондонскиот клуб.
Палиња бележеше одлични настапи во дресот на Фулам во Премиер-лигата кои беа препорака за Баерн Минхен да тргне во офанзива за негов потпис. Баварците конечно успеаја да го доведат Португалецот во своите редови, но тој не се снајде најдобро на „Алијанц Арена“, не добиваше преголема минутажа и на крајот реши експресно да си замине од Минхен.
Тотенхем ја искористи ситуацијата и успеа да го доведе овој играч под одличини услови, на едногодишна позајмица без обврска за задолжителен откуп следното лето. Доколку „спарси“ се задоволни, тие ќе можат да го доведат Палиња за 30 милиони евра и да го задржат португалскиот репрезентативец и по сезоната 2025/26.
„Спарси“ претходно го доведоа Мохамед Кудус од Вест хем како главно засилување, активирана беше клаузулата за откуп на Матис Тел од Баерн Минхен, а комплетирани беа и трансферите на дефанзивците Дансо од Ленс и Вушковиќ од Хајдук.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

