Тотенхем го растури Ватфорд, се врати и Хари Кејн

Тотенхем продолжува со „ловот“ на Челси на врвот на премиерлигашката табела откако „спарси“ забележаа нова убедлива победа на домашен терен, овојпат над Ватфорд со 4-0. За задоволството да биде комплетно, својот камбек на терените на оваа средба го имаше Хари Кејн, кој ги одигра последните триесет минути и иако не се запиша меѓу стрелците сигурно ќе биде главен адут на Покетино во трката за шампионската титула.

Мечот на „Вајт харт лејн“ почна со огромно промашување на Јансен, кој и во отсуство на Кејн не успеа да го постигна својот прв гол од игра во Премиер-лигата, од два-три метри шутирајќи само во гредата. Сепак, Тотенхем ги реши сите дилеми во последните петнаесет минути од првото полувреме, кога најпрвин Деле Али го отвори резултатот со еврогол од дваесетина метри, пред Дајер и Сон да зголемат на 3-0. Конечните 4-0 на почетокот од второто полувреме ги постави Сон, кој потоа во финишот промаши две извонредни шанси да го комплетира својот хет-трик на оваа средба.

Последната шанса на натпреварот во 93. минута ја пропушти Кејн, чиј извонреден слободен удар од триесетина метри заврши само во гредата.

Тотенхем со денешниот триумф се приближи на четири бода заостанување зад Челси, но „сините“ попалднево (18.30 часот) го играат својот натпревар од ова коло, на гостински терен со Бурнемаут.

All Goals & Highlights HD – Tottenham 4-0… by JuventusFans

Се вчитува...