Традиција и квалитет – стартува 46. Меѓународен струшки ракометен турнир

Со натпреварот меѓу домаќинот Струга и Железничар од Ниш, денеска (17 ч.) на отвореното игралиште  на „Женска плажа“, стартува меѓународниот ракометен турнир „Струга 2018“. Осум реномирани учесници поделени во две групи, многу звучни тренерски имиња како Веселин Вујовиќ, Звонко Шундовски, Бранко Тамше, Филип Гардан, на годинашното издание му даваат дополнителен квалитет што е прв чекор во заложбата на организаторите струшкиот турнир да го врати стариот сјај и реноме покрај традицијата што ја носи со децении.

„Ова е еден од најдобрите турнири во моментов, во Европа. Според квалитетот, РК Струга не е во структурата на другите екипи што се на турнирот, но за нас ова ќе биде собирање на искуство. Имаме и светски и олимписки шампиони, луѓе кои освојувале светски и европски првенства. Ова е одлично за Струга како домаќин. Се надевам дека целиот труд што го вложи Наумче Мојсовски, ќе придонесе да гледаме одличен ракомет. Мислам дека ќе се ужива во натпреварите и дека учесниците и сладната година со задоволство ќе бидат тука. Најважна е традицијата, а ова е 46 година на Струшкиот турнир и очекувам да дојде и 50-та“ – изјави Андон Бошковски кој ќе го има своето официјално деби како тренер на РК Струга.

Домаќините во првиот дуел вечерва, на спротивната страна ќе го имаат нишки Желзничар со Веселин Вујовиќ на клупата. Омилениот лик за македонската публика, пак, секогаш со задоволство доаѓа во Струга и во Македонија.

Чест ми е што сум повторно овде и што сме дел од овој турнир со мојата екипа. Секогаш ми е драго да дојдам во Струга и да се видам со драги луѓе. Овде се чувствувам како дома. Посакувам да одиграме добар турнир, да има што помалку повреди, ако е можно и следната година да се видиме повторно“ – рече Веселин Вујовиќ на денешната прес-конференција пред почетокот на турнирот.

По првиот натпревар, во 18.20 часот закажано е свеченото отворање на турнирот, а потоа се другите два натпревари од првиот ден: Констанца – Алингсас (19.15) и Целје – Еурофарм Работник (21 ч.). Финалето на турнирот е закажано за во недела во 21 часот.

Во сабота, во склоп на струшкиот турнир ќе се одигра и дуелот од домашниот Супер купор меѓу Вардар и Металург.

Група 1: Еурофарм Работник, Целје, Феникс Тулуз, Бешикташ

Група 2: Струга, Железничар, Алингсас, Констанца.

Се вчитува...