Трајковски прв скокач, Дамјан втор стрелец на стартот од АБА

Одличната игра и победата на МЗТ Скопје над Партизан придонесе неколку кошаркари на македонскиот првак да се најдат меѓу најдобрите во статистичките категории во првото коло од АБА-лигата.

Бојан Трајковски, кој со фантастичното второ полувреме беше најзаслужен за победата, е најдобар скокач на стартот од сезоната, со 14 фатени топки во битката под обрачите. Зад членот на МЗТ Скопје во оваа категорија се најдоа Лука Божиќ од Задар со 13 и Американецот на Морнар, Шеферд, со 12 скокови.

Капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски, со 25 поени до вечерва важеше прв стрелец, но македонскиот репрезентативец беше минат од Американецот на Игокеа, Дезмонд Вашингтон, кој постигна 35 поени на гостувањето против Унион Олимпија. Воедно, Стојановски е на делба на второто место според бројот на индексни поени (30), рамо до рамо со центарот на Црвена звезда, Матијас Лесорт. Подобар од нив двајца беше само Лука Жориќ, откако центарот на Цибона стигна до 34 индексни поени на пресметка со Мега бемакс.

Во листата на најдобри аситенти на своето деби во АБА-лигата се впиша и плејмејкерот на МЗТ Скопје, Ерик Гарсија, кој се наоѓа на делба на второто место со по девет асистенции заедно со Човиќ од ФМП, само една помалку од Најџел Вилијамс – Гос од Партизан.

Се вчитува...