Трансфер на сезоната во мак-баскетот: Костоски во ТФТ, полн погодок за прв трофеј во историјата

ТФТ оствари историски успех со првиот трофеј во Купот на Македонија, како круна на добро смислениот концепт на Борко Смилковски, во само втората година откако тимот од скопско Тафталиџе е дел од македонската кошаркарска елита. Смилковски добро знаеше што сака, тимот го базираше на атлетски градени американски кошаркари кои можат да играат во највисок ритам, особено во натпреварување кое трае три меча во три дена. Сепак, се чини дека клучната работа ја заврши пред стартот на новата сезона, кога во своите редови го доведе Александар Костоски.

Одличниот плејмејкер беше токму она што му недостигаше на ТФТ минатата сезона, домашен играч кој поседува кошаркарска визија за да се вклопи со Американците, а воедно и доволно искуство за да знае кога што и како треба да се направи во организацијата на нападите на „Тафта“.

Вистината е дека Костоски одамна не изгледал вака доминантно на домашната сцена, маестрално го одигра четвртфиналето со Пелистер, а потоа полн со самодоверба беше одличен во полуфиналето против Академија ФМП. Во големото финале изостана ефектот на неговиот шут од далечина (само 2/9 од тројка), но нема никаков сомнеж дека токму Костоски е меѓу најзаслужните и за овој триумф и испишаната историја на клубот од Тафталиџе.

 

Се вчитува...