Русија славеше голема победа против домаќинот Франција со 26-23 во првиот натпревар во Нанси со кој официјално беше означен почетокот на 13.Европско првенство за ракометарки што ќе се одржи од денеска со 16 декември во Франција. Избраничките на селекторот Евгениј Трефилов беа супериорни во поголем дел од натпреварот и со извонредна игра во финишот ги обебзедија првите бодови на шампионатот и им го расипаа шоуто на Французите.
Русинките имаа одличен старт и контрола на играта и на резултатот во поголем дел од првото полувреме. На Французинките им беа потребни речиси седум минути да ја пробијат гранитната руска одбрана и да го постигнат првиот погодок на шампионатот.
Во првата четвртина од мечот, Франција имаше постигнато само два гола, а Русија водство од 2-5. Но, потоа Амандин Лејно влезе во препознатливиот ритам на голот и донесе дополнителна сигурност во играта на француската репрезентација. По шестата одбрана на поранешната голманка на ЖРК Вардар, Франција успеа да изедначи на 9-9, а изедначено беше и на крајот од првото полувреме (11-11).
Франција го отвори второто полуврмее со погодок на Кано за водство од 12-11, Русинките не реализираа напад, а Лора Флипес го зголеми водството на домаќинот на 13-11. Французинките стигнаа и на +3 поведувајќи со 15-12, но, кога се чинеше дека отпорот на е скршен, а победата на дофат, избраничките на Евгениј Трефилов набрзина постигнаа четири гола и дојдоа до изедначување на 16-16. На 16 минути до крај, Русија одново беше во предност (17-18). Алисон Пино не реализира седмерец, а казната на другата страна стигна преку Манагарова за водство на Русија од 17-19.
Ана Седојкина заврши добра работа на голот на Русија и со своите интервенции внесе дополнителна нервоза кај Французинките кои пет минути беа без погодок. За тоа време, Русија се одлепи на 20-23 и ја задржа предноста до крај за прва победа на шампионатот.
Дарија Димитриева постигна осум, а Дарија Седокина беше стрелец на седум гола во триумфот на репрезентацијата на Русија во кој значаен удел имаше и голманката Ана Седојкина. Во репрезентацијата на Франција најефикасна бепе Орлан Канор со шест гола.
Четирите групи од првата фаза на ЕП се играат во Нант, Нанси, Монтебелиар и во Брест. Домаќини на полуфиналните мечеви ќе бидат Нант и Нанси, а финалниот викенд на ЕП ќе биде во Париз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА