Југослав Тренчовски денеска и официјално беше промовиран во нов тренер на Олимпија, откако 49-годишниот Македонец ја доби довербата на раководството на овој словенечки гигант.
Олимпија му врачи отказ на Мишо Бречко и веднаш стана јасно дека Тренчовски е главен фаворит на тимот од Љубљана, пред се поради одличната работа во тимот на Радомље ланската сезона во која нашиот стручњак со лимитиран буџет играше одличен фудбал, во неколку наврати земајќи ги скалповите најголемите клубови во лигата.
Тренчовски денеска потпиша договор на една сезона, со можност за продолжување на соработката за уште една дополнителна година, не криејќи го задоволството што седнува на клупата на Олимпија.
„Ова е голем предизвик за мене, можеби и најголем во мојата тренерска кариера досега. Да се работи во најголемиот клуб во Словенија ќе ти се јави, ќе тргнеш пешки од Македонија. Знам дека овој тим поседува огромен потенцијал, дека секогаш се бори за самиот врв, среќен сум што сум овде и што веднаш ќе почнам со работа. Немам магично стапче за преку ноќ да почнам да правам чудо, но верувам дека ќе успееме да играме брз, доминантен фудбал и дека што поскоро ќе почнеме да постигнуваме многу голови“, изјави Тренчовски на својата промоција во Љубљана.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
