Тренчовски: Воопшто не планиравме финале во Купот… Но, го заслуживме!

Академија Пандев стигна до првото финале во Купот на Македонија во клупската историја, откако ја елиминира Победа во полуфиналниот двомеч. Со две убедливи победи од 3-1, тимот на Југослав Тренчовски испиша клупска историја со пласман во финалето во најмасовното домашно натпреварување.

Стратегот на „пандевци“ вели дека на почетокот на сезоната не очекувале пласман во финалето, но како одминуваше сезоната нивните амбиции растеа и почнаа да веруваат дека можат да одат до самиот крај и во Купот.

„Минатата сезона бевме блиску. Загубивме од Пелистер во полуфиналето. Бидејќи имаме млад тим на почеток на сезоната не размислувавме дека можеме повторно далеку да стигнеме. Но, како поминуваа натпреварите, почнавме да веруваме во себе. Заслуживме да играме финале, млад тим сме, одлично се развиваме и јас сум презадоволен од моите фудбалери“ – вели Тренчовски. 

Во финалето Академија Пандев ќе се сретне со Македонија ЃП, екипа со која играат во следното коло во домашното првенство. Тренчовски вели дека добро се познаваат со клубот од Ѓорче Петров и дека нема да тактизираат, бидејќи до крајот на шампионатот мора да освојат уште девет бода со кои ќе го обезбедат третото место кое следната сезона води во Европа.

„Добро се познаваме со Македонија ЃП. Ги почитуваме како тим три пати игравме сезонава против нив и забележавме две победи и еден пораз. Нема да калкулираме на мечот во недела, одиме на победа за да го осигураме третото место на табелата кое води во Европа“ – дополнува Тренчовски. 

Финалето во Купот на Македонија се игра на 22 мај.

Се вчитува...