Тренер на сезона во Првата лига: Марјан Илиевски го вивна Пелистер

По засилената промоција на кошаркарската игра на домашната сцена со одбир на најдобрата петорка по секое одиграно коло во регуларниот дел од сезоната,  ЕКИПА направи и избор на најдобрите петмина кои ги одбележаа првите 22. кола во Првата кошаркарска лига. Покрај тоа одбрани се и тренер на регуларниот дел, како и најдобар млад играч.

Првиот дел од сезоната во македонската кошаркарска лига донесе големи возбудувања на паркетите ширум татковината и наговести интересна битка за титула во која по една деценија може да биде прекината доминацијата на двата најголеми клуба во мак-баскетот, МЗТ Скопје и Работнички.

Во преден план во овој погед избива Пелистер, тимот кој со својата доминантна кошарка дава една нова димензија на паркетот, а најзаслужен за тоа е Марјан Илиевски. Тренерот кој години наназад се обидува да ја промени кошаркарската карта беше блиску да го оствари тоа со Блокотехна, но се чини дека ова е годината на скопјанецот.

Битолските „зелено-бели“ се најдобриот поентерски тим во сезоната со просек од 100 поени по натпревар, а оваа граница избраниците на Илиевски ја надминуваа 13 пати оваа сезона. Притоа она што го краси Пелистер е тимската игра со одличен проток на топката, а за тоа укажува и фактот дека битолчани се најдобриот тим по асистенции во сезоната со просек од 23 по натпревар.

Марјан Илиевски ќе има шанса да ја круниса добрата сезона со трофеј веќе овој викенд на Купот на Македонија кој ќе се одржи во СРЦ „Кале“.

Се вчитува...