Тренерите едногласни: Во Купот не победуваат секогаш најдобрите

Шест од осумте тренери и капитени на учесниците на завршниот турнир од Купот на Македонија (отсустни беа Охрид и Куманово) беа присутни на денешната прес-конференација, сите со ист став – дека во ова натпреварување се возможни големи изненадувања и затоа мора да се игра стопроцентно од почеток до крај на сите натпревари.

„Нашите очекувања е без разлика на изгледот на табелата, да пристапиме максимално сериозно и да не дозволиме изненадување. Би сакале да се најдеме во завршницата, во големото финале, сакаме и да го освоиме, иако во нашиот дел од костурот има екипа со големи промени во играчкиот кадар. Мојата желба е идентична како онаа на Градоначалникот Поцков, во финалето да играат двете екипи од Гевгелија“ – изјави стратегот на Блокотехна, Марјан Илиевски.

„Ние сме релативно млада екипа, втора година сме во завршната фаза од ова натпреварување. Некои велат дека сме имале среќа со ждребот, не се согласувам бидејќи одигравме одлично во првиот дел од сезоната и заслужено сме таму кај што сме. Во купот нема фаворити, решава инспирацијата и мотивацијата. Им посакувам многу среќа на сите екипи, за публиката да ужива во она што го гледа“ – додаде капитенот на Блоко, Горан Главчев.

Марин Докузовски не беше присутен на прес-конференцијата, а на негово место говореше помошникот во стручниот штаб на Работнички, Игор Михајловски.

„Игравме со Куманово во рамките од домашното првенство минатиот викенд, се уверивме дека е „фајтерска екипа“ што се бори и што сигурно нема да се предаде. Шансите се 50-50, мислам дека севкупно гледано Работнички не е фаворит на овој завршен турнир поради проблемите со повредите, но како актуелен шампион имаме обврска кон управата и кон навивачите да дадеме се од себе“ – истакна Михајловски.

МЗТ ќе ја има улогата на бранител на трофејот, освоен минатата година во Кавадарци.

„Прво да им посакам среќа на сите мои колеги на овој завршен турнир. Ние како лански освојувачи имаме обврска да го одбраниме пехарот, се надевам дека ќе успееме, но сите екипи овде се многу сериозни, значително се засилија. Нека победи најдобриот“ – порача Ѓорѓи Кочов.

Капитенот Дамјан Стојановски потенцираше дека МЗТ мора да оди чекор по чекор, најпрвин да го совлада Кожув наместо да размислува однапред за дерби во полуфиналето против Работнички.

„Купот е специфично натпреварување во кое многу работи зависат од мотивацијата и од инспирацијата. Ние отвораме против Кожув, екипа со нов тренер и нови кошаркари, тоа е ривал што сигурно не смееме да го потцениме. Одиме чекор по чекор, се надеваме на пехарот“ – истакна Дамјан Стојановски.

Во таборот на Кожув се надеваат дека во четвртфиналето ќе успеат да го изненадат актуелниот бранител на трофејот.

„Верувам дека ова ќе биде одлично организирано натпреварување, бевме сведоци и на последниот меч на националниот тим на кој владееше одлична атмосфера против Косово. Што се однесува до мечот со МЗТ Скопје, ние имаме големи промени во играчкиот каддар, а тој дуел со МЗТ ќе биде мерило дали и колку сме се воиграле и дали сме ги повлекле вистинските потези. МЗТ Скопје игра одлично, понекогаш знае и да потфрли, искрено се надевам дека во четвртфиналето против нас ќе имаат осцилации во играта како на некои средби во АБА2 лига“ – изјави новиот тренер на Кожув, Алек Јончевски.

Најнеизвесно барем на хартија треба да биде во последниот четвртфинален дуел, во кој силите ќе ги одмерат Гостивар и Фени индустри.

„Во Купот не победува секогаш фаворитот и мораме да бидеме многу внимателни. Фени е компактна екипа што игра многу добро во последно време, пред нас е тежок натпревар. Ние се засиливме со две нови имиња, не сме во посакуваниот ритам, ќе ни треба време да се воиграме и очекувам да прикажеме добра игра“ – изјави тренерот на гостиварци, Марјан Србиновски.

„Очекувам да се прикажеме во добро светло против Фени, да победиме, па потоа да се обидеме да стигнеме и до големото финале“ – додаде Димче Тасовски, еден од најискусните во таборот на Гостивар.

На успех во ова четвртфинале се надева и стратегот на Фени индустри, Љупчо Малинков.

„Првиот натпревар секогаш е најтежок, се надевам дека тактички и психолошки добро ќе ја подготвам екипата. Верувам дека можеме да изненадиме, имаме млада екипа, за мој вкус недоволно компактна, но верувам дека психолошки одлично ќе влеземе во мечот и дека ќе останеме барем уште еден ден, за полуфинален дуел со Блокотехна“ – изјави Љупчо Малинков.

Се вчитува...