Тренерите избраа: Раул, Штербик и Циндриќ најдобри во ЛШ

Тренерите на екипите учеснички во Лигата на шампионите вообичаено пред стартот на секоја сезона ги даваа своите гласови за најдобрите на сите позиции, како и за најдобрите стратези и сали во елитното европско ракометно натпреварување. Вообичаено, 28-те стратези бираа по тројца играчи за секоја позиција (немаа право да избираат ракометари од својот клуб), нивниот омилен тренер и најдобрата арена.

Македонскиот селектор Раул Гонзалес е избран за најдобар тренер во ЛШ откако освои 18 гласа од колегите, еден повеќе од Патрис Канаје кој ја освои европската круна со Монпелје. Во однос на претходните вакви признанија, Арпад Штербик е еден од тројцата кои ја одбранија наградата на својата позиција. Екс-вардарецот, кој сега настапува за Веспрем, доминантно е избран за најдобар голман со дури 15 гласа, а на делба на второто место се Жерар и Перез де Варгас со по три гласа. Покрај Штербик, признанието втора година по ред го добија и Уве Генсхајмер како најдобро лево крило и Микел Хансен како најдобар лев бек.

Уште еден поранешен ас на Вардар е избран за најдобар во ЛШ ланската сезона, Иван Циндриќ со девет гласа е „број еден“ кога станува збор за позицијата среден бек, оставајќи ги зад себе Никола Карабатиќ, Анди Шмид и Раул Ентрериос.

За најдобар десен бек избран е младиот ас на Барселона, Дика Мем, пред Ремили и Гурбиндо, најдобро десно крило е Давид Балагер од Нант, а најдобар пивот е Лудовик Фабрегас од Монпелје, кој летово се пресели во Барселона.

Што се однесува до атмосферата во спортските сали, за најдобра е оценета онаа во „Веспрем арена“ во Унгарија, а на второто место се наоѓаат навивачите на Вардар и „СЦ Јане Сандански“ во Скопје.

Се вчитува...