Третиот круг од ПМФЛ почнува: Битката за европски излез во фокусот!

Со вчерашниот дуел меѓу Шкупи и Работнички стартуваше последниот круг од шампионатот во Првата македонска фудбалска лига.

Откако е се поизвесно дека Шкупи нема да има проблеми да стигне до трофејот, јасно е дека фокусот во третиот круг од првенството ќе биде пред се насочен кон битката за европски излез во која се вклучени Шкендија, Академија Пандев, Македонија ЃП, но се уште со какви такви шанси и Брегалница, Ренова, Струга ТЛ и Работнички.

Токму затоа повеќе од неопходни се бодовите за „пандевци“ денеска во пресметката со Струга ТЛ која, се чини, е најинтересната од 23. коло.

„Дуелот со Академија Пандев за нас е од исклучително значење. Многу важен меч. Овој тим во текот на зимскиот трансфер период значително се засили, во своите редови има висококвалитетни играчи кои носат позитивни резултати. Сепак ние се надеваме и на позитивен резултат, вклучително и нерешено, резултат до кој стигнавме и на последниот дуел против Академија Пандев во Струмица. Токму против Академија Пандев го постигнав првиот гол оваа сезона, и сигурно посакувам повторно да се запишам во листата на стрелците“ – вели Емир Скендери.

По поразот од Работнички во претходното коло, Шкендија сигурно посакува враќање на победите. Тетовци на домашен терен го пречекуваат Тиквеш.

Македонија ЃП е желна за продолжување на извонредната победничка серија, овој пат пред своите навивачи по три бода против тимот на Скопје. Брегалница, пак, ја носи фаворитската улога против Борец. На дуелот во Штип „сините“ ќе атакуваат на својата втора победа по ред оваа пролет, по претходниот триумф над Пелистер.

ПМФЛ – 23. КОЛО (денеска, 15 ч.)
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – Скопје
Струмица: АК. ПАНДЕВ – СТРУГА ТЛ
Тетово: ШКЕНДИЈА – ТИКВЕШ
Штип: БРЕГАЛНИЦА – БОРЕЦ
Тетово: Ренова – Пелистер (утре, 14.03, 15 ч.)
ВЧЕРА
Скопје: ШКУПИ – РАБОТНИЧКИ 2-0

Се вчитува...