Три нови случаи на Covid-19 во РК Пролет

Коронавирусот му создава огромни проблеми на ракометниот суперлигаш Пролет, во чии редови се регистрирани нови три случаи на Covid-19. Голманот Петар Ангелов прв беше позитивен во овој скопски клуб, потоа при комплетното тестирање беа евидентирани нови осум случаи, за вчерашните тестови да покажат дека уште тројца ракометари на Пролет се позитивни на коронавирус.

„Ракометниот клуб Пролет ја известува спортската јавност за нови случаи на Covid-19 во нашите редови. Резултатите од новото тестирање меѓу сите членови на РК Пролет покажаа три нови случаи на коронавирус меѓу ракометарите на нашиот клуб. Согласно здравствените протоколи, тројцата заболени се ставени во самоизолација, а сите останати ракометари остануваат изолирани, надвор од тренажен процес. Вкупно 12 ракометари на Пролет моментно се позитивни на Covid-19. Пролет се уште не продолжува со тренинзи, се додека не бидат создадени услови за такво нешто со стабилизација на бројот на заболени во тимот на тренерот Никола Матлиески“, се вели во соопштението на РК Пролет.

Натпреварите од групата на Пролет во Супер-лигата и официјално продолжуваат денеска, а скопскиот клуб подоцна ќе ги одигра средбите од наредните неколку кола, кои ќе бидат одложени се до стабилизација на состојбата.

Се вчитува...