„Три од три“: Македонија гази на СП во училишен ракомет

Македонските репрезентации во машка и во женска конкуренција продолжуваат со одличните настапи на Светското првенство во училишен ракомет, бележејќи ги и своите трети победи во низа на шампионатот што се одржува во Скопје.

Кадетките денеска за противник ја имаа Словачка, уште еден дуел што лесно го добија со убедливи 29-13. Противничките сосема солино парираа во првиот дел (11-7), за второто полувреме да мине во целосна доминација на македонските ракометарки кои на крајот славеа со „плус 16“. Мифтари беше најефикасна во нашиот табор со седум гола, два повеќе од Лишкоска.

Утре е слободен ден, по што Македонија в недела во четвртфиналето ќе ги одмери силите со Романија или со Бразил.

Машката селекција исто така стигна до третата победа во низа на ова СП откако денеска славеше над Република Српска со 27-25. Избраниците на Горан Кузманоски имаа пет гола предност, противникот се приближи кон крајот, но Македонија сепак стигна до посакуваниот триумф.

Нашите млади ракометари в недела ги очекува дуел со Саудиска Арабија, меч на кој победа или реми ќе значи осигурување на првото место во групата и пласман во полуфиналето.

Се вчитува...