ТРИ ПРИДОБИВКИ ОД ДУЕЛОТ СО ШПАНИЈА: Нема што да загубиме, но што може да добиеме?

mec baner

Убавината на спортот, меѓу многуте работи, е што секогаш постојат шанси за изненадување, дури и кога мала земја како Македонија ќе излезе на ракометниот терен против велесила како Шпанија. Јасно е дека нашите репрезентативци нема однапред да се предадат против големиот фаворит, но очигледна е и намерата, да се сочуваат дел од силите за утрешниот меч со Исланд, каде победа или реми ќе го донесат посакуваното трето место на табелата.

И самите коментари на ракометарите пред натпреварот јасно упатуваат на тоа дека точно се знаат приоритетите, па иако пласманот во осминафиналето е веќе осигуран, сега целта е да се избегне Франција како првопласирана од групата А. Мечот со Шпанија е дуел на кој нема што да се загуби… Факт е дека, реално погледнувајќи ги нештата, не може да негуваме премногу надежи за позитивен резултат против „фуријата“ , но може да се добијат неколку важни работи за продолжението на Мундијалот.

1. Филип Талески

Момчето кое зад себе има одлична полусезона во Металург и кое обезбеди мегатрансфер во Некар Левен неочекувано е маргинализирано од страна на Червар. Изговорите дека „има подобри опции од него во одбраната“ не држат вода, бидејќи Талески е сосема солиден дефанзивец, но од друга страна е и беспрекорен офанзивен играч кога ќе му се даде неопходната слобода. Без дилеми – Филип Талески е најдобриот лев бек што го имаме во репрезентацијата и време е да добие шанса каква што заслужува, за да го добиеме полн со самодоверба за наредниот дуел со Исланд, но и за осминафиналето.

2. Доказ за сопствената вредност

По бројните сомнежи во капацитетот на оваа репрезентација, не постои подобра можност од дуел со една од најдобрите светски селекции за да покажеме дека вредиме, дека неслучајно сме дел од овој мундијал и дека сосема заслужено ќе се најдеме и во Топ 16 фазата. Да се загуби од Шпанија никогаш не било, ниту пак ќе биде срамота, но мораме да се докажеме во играта, пристапот, борбеноста… дека Македонија и со овој состав поседува квалитет и навистина е една од 16-те најдобри селекции во светот, поради самите „црвено-жолти“ ракометари, а не „помош“ од некои трети репрезентации.

Резултатот денеска најверојатно нема да биде во преден план (и Шпанците ќе калкулираат бидејќи утре ги очекува клучниот дуел со Словенија), па токму затоа мора да се потенцира борбеноста, залагањето, желбата. Бидејќи тоа е доказот за вредноста на македонскиот национален тим.

3. Надеж за иднината

Не станува збор за празни зборови и демагогија, голем играч се станува на големи натпреварувања. Нелоски, Дрогришки и Поповски ќе имаат можност да играат против една од најсилните селекции на денешницата, да видат на дело како е да се игра против елитата и колку всушност им недостига за да направат чекор напред од „млади таленти“ во квалитетни играчи на сениорско ниво.

Затоа, за очекување е Червар да им даде шанса на сите ракометари, за и овие најмладите да добијат можност да се носат со Виктор Томас, Агинагалде… да играат во нападот против еден од најдобрите светски дефанзивци, Виран Морос. Можеби на моменти ќе се греши, но искуството што би се извлекло може да биде и тоа како позитивно, доколку потоа се искористи на вистински начин.

Се вчитува...