Трите адути за успех на Вардар: Раул, Штербик и Циндриќ

Фактот дека ниту еден европски првак не успеал да ја одбрани титулата на Ф4 во Келн е само мотив повеќе за „црвено-црните“ да испишат нови страници не само во својата, туку и во историјата на европскиот ракомет. Кил е гигант, но „зебрите“ самите му ја препуштаат фаворитската улога на Вардар, како доказ за квалитетот и реномето што македонскиот првак си го создаде во европски рамки во изминатите години.

Не е лесно да се освои „Шпаркасе арена“ во Кил, но Вардар има се што е потребно за да му се дадат реални шанси за такво нешто, „џин“ на голот, генијалец на клупата и „мозок“ како главен плејмејкер.

Одбраната на Раул

Шпанецот со тактиката во Вардар се наметна како еден од ракометните генијалци на новата ера, но и тој самиот на последните мечеви од групната фаза не ја криеше загриженоста дека ривалите полека но сигурно наоѓаат начин да ја пробијат неговата одбрана 5-1, со Дибиров или Канелјас како најистурени во зоната. Кил е тим што сигурно ќе знае да го ископира она што Барселона и Нант успешно го правеа против „црвено-црните“ во нападот, но Раул сигурно ќе има „ас во ракавот“, за да ги изненади „зебрите“ и веќе на првиот меч да ја отвори вратата кон Ф4 во Келн.

 

Арпад Штербик

Добар голман во ракометот е „половина тим“, а Арпад Штербик е многу повеќе од врвен чувар на мрежата. Дојде од „дневна соба“ на ЕП во Загреб и ја донесе титулата на Шпанија, а сега е максимално мотивиран и за нова европска круна со Вардар. Пресметката со Ландин ќе биде голмански дуел за уживање, од кој се надеваме дека како победник ќе излезе Штербик, актуелниот МВП од последниот Ф4 турнир во Келн.

 

Лука Циндриќ Vs Домагој Дувњак

Дувњак со години наназад важеше за главен организатор на играта на хрватската репрезентација, но ситуацијата се промени со појавувањето на Лука Циндриќ на мапата на елитниот европски ракомет. „Вардарецот“ ги искористи своите „пет минути“ по повредите на Дувњак, па се наметна како незамнелив дел во националниот тим, продолжувајќи со извонредни игри и на клупски план. Токму од Циндриќ ќе зависат најмногу работите во играта во напад на Вардар попладнево и тоа како Лука ќе се снајде во директен дуел со Дувњак, кој најчесто игра како најистурен во дефанзивната зона на Кил.

Се вчитува...