ТРИТЕ ПОЕНТИ од дуелот со Исланд: КОНЕЧНО – имаме голмани, а и крила!

mec baner

Македонија е третопласирана во групата Б, со што е остварена и втората зацртана цел – не само да се обезбеди пласман во осминафиналето, туку и таму да се избегне Франција како ривал кој воедно е и главен фаворит за златото на овој мундијал. Убаво кажа Дејан Манасков пред мечот, кај нас не може да е едноставно, се мора да се решава во последниот меч, со последниот напад. Така беше лани во Краков, кога токму Манасков го даде голот за втор круг против Србија, така беше и синоќа, кога Колев на помалку од 20 секунди до крајот ја имаше клучната интервенција со Исланд.

Уште една инфаркт-завршница со уште еден хепиенд за нас, со доказ за неверојатниот тимски дух што ја краси оваа „Нова Македонија“, која дава верба во уште поголеми дострели во годините што доаѓаат.

1. Кирил Колев

Голманите беа најкритикувани во претходните натпревари, но Кирил Колев ги заслужи најголемите комплименти по вчерашниот меч. Одличен на стартот, беше меѓу најзаслужните за раното водство од 4-0, му одбрани неколку тешки шутеви на „големиот“ Гудјон Валур Сигурдсон, а најдоброто го сочува за крај, кога „жива“ ја собра топката по ударот на Карасон. Голманскиот биланс на крајот: Колев 13 одбрани – исландските голмани 9 интервенции најдобро покажува кој го донесе големиот бод со кој е избегната Франција во осминафиналето.

2. Полетаа и крилата

Чекавме македонските крила да блеснат во своето препознатливо издание и тоа се случи токму со Исланд. Георгиевски даде шест, а Манасков пет погодоци, двајцата само со по едно промашување, но и со важни реализации во круцијалните моменти од средбата (Манасков дури и погоди од бек, во ситуација кога бевме со двајца играчи помалку на теренот). Ќе биде голем хендикеп доколку Дејан Манасков не биде во можност да настапи против Норвешка бидејќи станува збор за играч кој навистина е многу значаен во играта на нашиот национален тим.

3. Позициона одбрана

Да се примат осум гола во празна мрежа и скорот во голови од контранапади да биде 2-13, а на крајот да не се претрпи пораз, тоа е навистина несекојдневно. Заслужен за тоа е Колев, но и одличната позициона одбрана што ја игравме во текот на целата средба. Червар проба различни варијанти и речиси сите вродија со плод, на крајот се повлече во „6-0“ и успеа во она што го посакуваше, го затвори исландскиот пивот, ги натера бековите да шутираат од неизградени позиции, со што Македонија се врати во натпреварот. На периоди одлични беа браќата Маркоски, потоа ги менуваа Нелоски и Талески, но факт е дека камбекот беше плод на извонредниот колективен дух, што се манифестираше пред се во играта во дефанзива.

Се вчитува...