Триумф и пораз на младите ракометари на турнирот во Скопје

Младите македонски ракометари забележаа еден триумф и еден пораз на првиот натпреварувачки ден од турнирот што денеска стартуваше во салата „Автокоманда“ во Скопје. Македонија настапува со две селекции на овој турнир предводени од Никола Матлиески, кој сака да ги види на дело кадетските ракометари во пресрет на наредниот ЕХФ-шампионат што ќе се одржи следното лето.

А-кадетската репрезентација на Македонија лесно триумфираше над Бугарија со 31-22. Гостите парираа само до 11, за потоа „црвено-жолтите“ да ја преземат инцијативата, да се одлепат резултатски и да стигнат до убедлива победа. Ташев со седум и Фидановски со четири гола беа најефикасни во таборот на Македонија на овој натпревар.

Во првиот меч, нашата Б селекција загуби од Србија со резултат 24-31. Дуелот беше решен уште во првото полувреме што Србите го добија со 11-17, предност што рутински ја одржуваа до самиот крај. Димовски со девет гола беше прв стрелец на Македонија на овој натпревар.

Во утрешната програма, Македонија Б ќе се сретне со Бугарија, додека нашата А-кадетска селекција ќе ги одмери силите со Србија.

Се вчитува...