Триумф над Турција – се брои победата, но мора да се поправи играта

Македонската ракометна репрезентација очекувано ги стартуваше со триумф квалификациите за ЕП 2020, откако вечерва во Битола славеше над селекцијата на Турција со 31-27. Фаворитската улога беше оправдана, планираните бодови прокнижени, но и на селекторот Гонзалес и на ракометарите им е јасно дека ќе мора да се игра многу подобро од ова во иднина, особено ако се знае дека за два и пол месеци оваа репрезентација ја очекува настап на СП во Германија. За почеток, в недела ги очекува дуел со посебно значење во Кожани против Грција, во многу понепријателска атмосфера на која избраниците на Гонзалес ќе мора да прикажат многу повеќе ако сакаат да стигнат до победа.

Бодрени од одличната битолска публика македонските ракометари одлично го отворија мечот, поведувајќи со 2-0 при првите два напади со головите на Стоилов и на Манасков, откако на спротивната страна Ристовски набрзина нанижа две интервенции. Гостите во седмата минута израмнија на 3-3, но македонските ракометари се вратија во ритам, па по 10 минути игра резултатот гласеше 6-4. Следеше исклучување на Талески, предноста се одржуваше околу два гола разлика, но поради неможноста за посериозно резултатско „одлепување“ Раул Гонзалес при 10-8 побара тајмаут (19. Минута).

Советите вродија со плод, со два брзи гола набрзина се стигна до 12-8, а по четвртиот гол на Георгиевски за водство од 14-9 гостинскиот селектор побара минута одмор. Лазаров од пенал погоди за 13-8, но Турците потоа ја стабилизираа играта, не дозволија зголемување на разликата, па на одмор се замина со 17-13.

Почетокот на второто полувреме беше фуриозен, па за нешто повеќе од две минути Македонија експресно се одлепи на „плус седум“ (20-13). Удобната предност донесе и мало опуштање, па по неколкуте грешки на нашите ракометари Турија се врати на пет гола разлика (24-19). Турските ракометари добија на самодоверба во нападот, Гонзалес го смени Ристовски го Томовски во 49. минута, но гостите се приближија на 26-23. Сепак, триумфот воопшто не беше доведен во прашање, резултатот до крајот се движеше околу пет гола разлика за Македонија, се до конечните 31-27, поставени со одличната интервенција на Томовски во последните секунди.

Кире Лазаров беше прв стрелец на нашиот национален тим со девет гола, шест постигна Манасков, пет пивотот Стоилов, а по четири Талески и Георгиевски.

Македонија во второто коло од овие квалификации в недела гостува на селекцијата на Грција.

Се вчитува...