Триумфално збогум – Вардарки по петти пат ќе бркаат титула на Ф4 во ЛШ

Победа за збогум пред скопската публика и рекорден петти пласман по ред на женскиот тим на Вардар на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Будимпешта. Вардарки и во четвртфиналниот реванш на домашен терен беа поуспешни од данскиот Митјиланд со 32-25, во последниот натпревар на овој состав во СЦ „Јане Сандански“. Македонскиот шампион беше поуспешен и на првиот меч во Данска (23-24), а со овој втор триумф само ја потврди својата супериорност во ЛШ сезонава. Вардар е актуелен вицешампион и сега единствен тим што настапил на завршниот турнир во ЛШ пет години по ред. Воедно, тоа ќе биде и последен успех на Вардар во овој силен состав, по одлуката на раководството на клубот да го распушти целиот тим и од следната сезона да настапува со млади домашни ракометарки.

Ракометарките на Вардар влегоа силно во овој за нив емотивен меч, но силен отпор на стартот пружи и данскиот тим и успешно држеше чекор не дозволувајќи му на домаќинот да се одлепи со поголема разлика од 1-2 гола. „Црвено-црните“ прв пат дојдоа на +3 на крајот од првата четвртина кога Андреа Лекиќ погоди за 8-5.

Со неколку риатции во составот, тренерскиот двоец Дибирова-Парондо настојуваа да го најдат најефектното решение за данскиот противник и Вардар полека ја преземаше контролата на теренот. По дваесетина минути игра, комплетно беше скршен отпорот на Митјиланд. Вардарки направија серија од 4-0 и дојдоа на најависоки +7 (16-9). Беспрекорно функционираше бековската линија на Вардар,  Лекиќ, Пенезиќ и Лакрабер речиси без грешка, го бомбардираа голот на искусната Сабине Енглерт. На одмор Вардар замина со предност од 17-12.

По пет минути игра во вториот дел, вардарки повторно беа на највисоката предност од седум гола поведувајќи со 19-12. Митјиланд како и на првиот меч во Икаст, во второто полувреме не успеваше да го задржи истото темпо како на почетокот, а Вардар без проблем ја казнуваше секоја грепка на противникот и го зголемуваше водството. Данките остана без погодок, а направи 5-0 и со голот на Кузњецова прв пат дојде на двоцифрена предност (22-12). Митјиленд цели 15 минути во вториот дел немаше решение за одбраната на Вардар и за Амандин Лејно на голот, а вардарки безмилосно ја полне мрежата на противникот. Неверојатната серија од 8-0 им донесе водство  од 25-12 на стартот од последната четвртина. По многу неуспешни обиди и два тајм-аути на нивната клупа, Вероника Кристијансен го постигна 13 погодок за Митјиланд. До крајот, Митјиланд успеа само да го ублажи поразот, но не и да го сопре победничкиот ритам на максимално мотивираниот Вардар.

Андреа Лекиќ постигна седум, Андреа Пенезиќ пет, а по четири гола во триумфот на Вардар запишаа Јованка Радичевиќ, Полена Кузњецова и Александра Лакрабер. Во инфериорното изндание на Митјиланд вообичаено најефикасна беше Вероника Кристијансен со 10 гола.

Покрај Вардар, денеска пласманот на Ф4 во Будимпешта го обезбеди и рускиот Ростов Дон, а водечката четворка ќе биде комплетирана по завршувањетонна преостанатите два четвртфинални дуели : Ѓер – Будуќност и Мец- ЧСМ Букурешт. Завршниот турнир од ЛШ во Будимпешта ќе се одигра на 12 и 13 мај.

Се вчитува...