Охрид е чекор поблиску до кревање на европско трофеј откако македонскиот претставник славеше со 28-29 на првиот дуел од финалето на ЕХФ Европскиот куп во кој за противник ја имаше Татабања. Унгарците беа фаворити само на хартија, Охрид им одржа лекција по модерен ракомет, па нашиот тим може да жали само што нема уште поубедлива предност ако се знае дека охриѓани во неколку наврати имаа „плус шест“ во ова финале. Татабања се врати, за момент и поведе, но Охрид покажа карактер во последните две минути и на крајот стигна до заслужена победа.
Цврстата одбрана беше заштитен знак на охриѓани на стартот, македонскиот тим поведе со 2-1, а Пилиповиќ набрзина собра две извонредни интервенции. Иванковиќ погоди за 3-1 и изнуди исклучување од Хавран. Охриѓани продолжија со одлична дефанзива, Пилиповиќ собра четири одбрани во почетните осум минути, а македонскиот тим поведе со 5-2. Иванковиќ стрелаше прецизно за 6-2, Татабања осум минути беше без постигнат гол, кога молдавските судии решија да го исклучат Пилиповиќ.Стрмљан постигна два важни гола за 8-4, a при 9-5 за македонскиот тим тренерот на Татабања беше принуден да побара тајмаут.
Пилиповиќ и цврстата одбрана на Охрид сепак беа нерешлива енигма за домашниот тим, па Охрид преку Ојлевски стигна до водство од најубедливи 5-11. Ројевиќ искусно побара тајмаут и покрај одличното водство на неговиот тим, доминацијата на охриѓани продолжи, поведувајќи со 5-12, промашувајќи и напад за „плус осум“. Татабања за момент се консолидираше, намали на 7-12, а потоа со цепелинот на Талески и на 8-12. Иванковиќ со важен гол ја прекина мини-серијата на домашниот тим, по што на одмор се замина со 8-13.

Вториот дел почна со гол од пенал на Јасухира, но и исклучување на Лијапис. Проблемите се зголемија откако во следната акција исклучен беше и Прибетиќ, Татабања го искористи тоа и за 90 секунди домашниот тим постигна три гола во серија, намалувајќи на 11-14. На спротивната страна за десетина секунди исклучени беа најпрвин Талески, потоа и Родригез, па Охрид доби предност од двајца играчи повеќе во 35. Минута. Сепак, резултатот во овој период гласеше 1-1, судиите продолжија со исклучувања на двете страни, ситуација во која подобро се снајдоа охриѓани и преку Лијапис поведоа со 13-18.
Татабања намали на 18-21, по што Ројевиќ зеде тајамут и Охрид веднаш реализираше преку Лијапис на асистенција на Јасухира. Maкедонскиот тим ја врати цврстината во одбраната, по што повторно дојде до „плус шест“ (19-25). И тогаш, концентраццијата на охриѓани за момент падна, а Татабања експресно намали на 23–25. Охрид на девет минути до крајот се соочи со нови проблеми по исклучувањето на Прибетиќ, Унгарците намалија на 24-25, но Стрмљан постигна многу значаен гол под закана за пасива, и тоа со играч помалку. Молдавските судии им помогнаа на домаќините со смешен пенал и исклучување за Савревски во 53. минута (при 24-26). Татабања го искористи подарокот и со два брзи гол израмни на 26-26, на пет и пол минути до крајот.

Ројевиќ побара тајмаут на 5:10 до крајот, Јасухира не реализираше, но на спротивната страна одлична одбрана одигра Јагуриновски, со украдена топка и асистенција до Лијапис за 26-27. Татабања сепак беше во налет, па преку Родригез домаќините во 59. минута стигнаа до првото водство на мечот (28-27).
Иванковиќ презеде одговорност со важен гол за 28-28, а потоа Пилиповиќ маестрално стигна до нова интервенција, давајќи му шанса за последен напад на Охрид. Обидот на Иванковиќ беше одбранет, но во продолжението на акцијата Ѓукиќ стрелаше прецизно за конечни 28-29 и минимална предност пред вториот меч што македонскиот претставник ќе го игра на домашен терен.
Реваншот од ова големо финале на програмата е следниот викенд, в недела 31 мај со почеток во 20 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
