Цедевита го декласираше Партизан во битката за второто место

Цедевита направи огромен чекор напред во битката за второто место во АБА-лигата откако хрватскиот шампион славеше на дербито против Партизан со убедливи 79-67. Избраниците на тренерот Мршиќ доминираа во поголемиот дел од средбата, во второто полувреме долго време имаа двоцифрена предност и апсолутно го заслужија овој триумф, втор во меѓусебните дуели со Партизан во АБА сезонава.

„Црно-белите“ му парираа на домаќинот само во првата четвртина, кога избраниците на Џикиќ имаа предност од минимални 16-18. Цедевита го отвори вториот период со серија од 8-0, влезе во посакуваниот ритам во нападот, со зонска одбрана го исфрли од ритам противникот, и не застана до самиот крај. На полувреме резултатот гласеше 37-30, за веќе на стартот на третата четвртина Цедевита да направи серија од 7-2, целосно да се одлепи и до крајот да не дозволи гостинот да се доближи. Партизан инсистираше на обиди од далечина, но се што успеаја „пулените“ на Џикиќ да сторат беше да дојдат на десет поени негатива, пред Билан да ја запре нивната серија и дефинитивно да стави крај на сите дилеми околу победникот на овој дерби дуел.

Боутрајт со 21 поен беше најефикасен кај победничкиот тим, каде Миро Билан оствари дабл-дабл од 14 поени и 10 скокови. Кај Партизан најдобри стрелци беа Бирчевиќ со 18 и Маринковиќ со 12 поени.

По комплетирањето на ова 22. коло Цедевита, Партизан и Будуќност имаат идентичен скор од 16 победи и шест порази, но хрватскиот првак моментно е пред ривалите, пред се поради двете победи во меѓусебните дуели со Партизан.

Се вчитува...