Цела Англија се тресе за Хари Кејн

Повредата на Хари Кејн на дуелот со Бурнемаут беше голем удар за Тотенхем, но и предизвика страв меѓу англиските фанови дека „гордиот албион“ на претстојниот мундијал во Русија ќе мора да настапи без својот најдобар фудбалер. Фантастичниот стрелец настрада при еден дуел со голманот Беговиќ, жалејќи се на повреда на скочниот зглоб веднаш го напушти теренот и се упати кон соблекувалните.

По мечот се појавија фотографии како Кејн со помош на патерици го напушта стадионот, по што уште поголеми се стравувањата дека повредата е сериозна и го доведува во прашање настапот на голгетерот на претстојниот светски шампионат. Доколку станува збор за повреда слична на онаа на Нејмар, тоа ќе значи пауза од најмалку три месеци и речиси сигурно отсуство на Кејн од мундијалот во Русија.

Тотенхем најави дека нема да дава детали за повредата се до завршувањето на лекарските прегледи, по што ќе се знае и за точно каква повреда станува збор и дали големиот ас ќе може да се врати на терените до крајот на сезонава. А во меѓувреме фудбалска Англија ќе продолжи да се тресе, бидејќи повеќе од јасно е дека „гордиот албион“ е сосема поинаква репрезентација со Хари Кејн во своите редови.

Се вчитува...