Циндриќ: Сите во Европа играат ракомет, но никој како Хрватска

Хрватска има максимални четири победи по првите четири средби на ЕП 2020, но „коцкестите“ се свесни дека допрва доаѓаат вистинските предизвици на овој европски шампионат. Лука Циндриќ, кој е „прва виолина“ на Хрватска, не го крие задоволството од досегашните резултати, но и предупредува дека нема простор за еуфорија.

„Утре играме со Германија, ќе биде кобно ако ние бидеме тие што ќе играат под притисок. Имаме четири бода, Германците само два, па тие нека играат под психолошки притисок. Мораме да бидеме мирни, ги знаеме своите квалитети и мораме да ја наметнеме нашата игра, како и на сите претходни средби. Германија има одличен голман, предност е што сите ракометари играат во Бундес-лигата, најважно ќе биде да се запре нивната игра од транзиција“, изјави Циндриќ.

Поранешниот „вардарец“ откри и што ја прави Хрватска толку посебна на овој европски шампионат.

„Ракометот е променет во последните години, веќе нема изразити фаворити, видете што им се случи на Данска и Франција. Сега сите играат ракомет, но никој како Хрватска. Она што ја прави нашата селекција посебна е одбраната 5-1. Таа е нашиот главен адут, бидејќи е формација со која ретко кој добро се снаоѓа, па сега сите се соочуваат со проблеми да ја пробијат нашата зона. Дувњак го игра тоа како најистурен во одбраната во Кил и е фантастичен во таа улога, исто како што е и во репрезентативниот дрес“, истакнува Лука Циндриќ.

Се вчитува...