Циндриќ: Во Вардар ја имав годината на моите соништа

Лука Циндриќ ги минува последните месеци како член на Вардар, со оглед на трансферот во Кјелце што беше договорен пред околу една година. Хрватот ќе остане запаметен како еден од најзаслужните за фантастичната титула во ЛШ освоена лани во Келн, а и тој не крие дека засекогаш ќе ги памети моментите минати во црвено-црниот дрес.

„Во Вардар ја минав годината на моите соништа. За краток период освоив многу трофеи, а згора на тоа како играч станував се подобар и подобар. Во Келн го постигнав голот за победа во полуфиналето со Барселона, тоа ми беше остварување на голем сон, да се реши важен меч против така голем ривал. Сето она што се случуваше ме направи подобар играч, позначаен ракометар и за клубот и за репрезентацијата“ – истакнува Циндриќ во интервју за магазинот на СЕХА-лигата.

Нареден предизвик за Хрватот и за „вардарци“ е одбраната на титулата во СЕХА, на завршниот турнир што претстојниот викенд ќе се игра токму во Скопје.

„Средбите на фајналфор турнирите секогаш се возбудливи, мило ни е пто овојпат ќе играме дома, пред нашите верни фанови. Сите очекуваат ние да ја одбраниме титулата, ќе биде интересно, сакаме трофеј за кревање на самодовербата пред претстојните мечеви од четвртфиналето во Лигата на шампионите“ – порачува Циндриќ.

Се вчитува...